По четири години од стартот следи освежување за моделот на Audi од средната класа. Дизајнот е потстегнат, со дисплеите се ракува како со паметен телефон, неколку мотори се нудат како благ хибрид. Последново важи и за S4, кој првпат е достапен со дизелски V6.
Поширока и пониска маска, неколку дополнителни хоризонтални линии напред и назад, кои прават каросеријата да изгледа пошироко, нагласени крила при гледање отстрана, во стилот на пра-quattro. Тоа во најкуси црти се измените во изгледот кај освеженото моделско годиште на Audi A4. Препознатливиот засек во светлата „исчезна“ со моделското освежување, повеќе нагласок се става на маската.
Новини има кај стилските линии, кои сега се водат како базна линија, advanced и S line. Посебен стил имаат S-моделите и A4 allroad quattro. Нова боја е тера-сива. Пакетите за внатрешноста се водат под имињата design selection и Interieur S line, и можат да се комбинираат по желба со стилските линии за надворешноста.
Поголема процесорска моќ за новиот MMI и попрегледно и полесно ракување со средишниот дисплеј
Главната промена во кокпитот е во новиот MMI-систем, чиешто ракување е изведено да биде слично со паметен телефон. Дисплеј на допир го заменува досегашниот вртлив прекинувач во средишниот тунел. Дисплејот има пречник од 10,1 инчи и поседнува едноставна и прегледна графика. Нова функција е можноста за говорни команди преку нормални разговорни реченици, место со строго одредени фрази.
Новитет меѓу онлајн-услугите што се достапни со системот Audi connect е усогласувањето на брзината на возење со семафорите кои поседуваат соодветна техника, заради следење на зелениот бран.
Во почетокот од продажбата ќе бидат достапни шест мотори, во дијапазон од 150 КС за Audi A4 35 TFSI до 347 КС за S4 TDI. Три од моторите се изведени како благ хибрид, со обична 12-волтна мрежа. Според Audi, благиот хибрид постигнува заштеда до 0,3 литар на сто километри.
S4 отсега вози со V6 TDI со близу 350 КС, со асистенција од електричен компресор и 48-волтна мрежа
Станува тренд кај Audi да се нудат TDI мотори кај S-моделите. Во новиот S4 TDI работи трилитарски V6 со 347 КС и вртежен момент од 700 њутнметри. Спринтот до темпо сто трае 4,8 секунди, крајната брзина вообичаено е ограничена на 250 km/h.
Екстра-моќноста доаѓа оттаму што и S4 е изведен како благ хибрид, но со стартер алтернатор кој работи во 48-волтна мрежа и при сопирање произведува максимална моќност до 8 киловати. Четирикратно повисокиот напон е повеќе важен за компресорот со електричен погон, кој го произведува потребниот притисок на натполнење буквално од допирањето на педалата за гас.
Енергијата од рекуперацијата се собира во литиум-јон батерија, сместена под багажникот. Audi наведува заштеда до 0,4 литар на сто километри преку работата на благиот хибриден систем.
Погонската спрега ја комплетираат осумстепен tiptronic и постојан погон на сите тркала quattro. Како опција се нуди спортски диференцијал, кој соодветно ги распределува њутнметрите меѓу задните тркала, со цел да се спречи подуправувањето.
За секакви патишта и за секој терен: Audi A4 allroad quattro
Со погонот quattro и со дополнителните 35 милиметри во растојанието од подлогата, A4 allroad quattro комбинира лимузински комфор со својства на теренец. Покрај заштитата на подвозјето и на арките во крилата, Allroad има и поширока трага на тркалата во споредба со стандардниот A4 – напред за шест милиметри, назад за 11 милиметри. Нивото на опременост исто така е збогатено, така што електромоторите за задниот капак и за прекривката на багажникот се дел од сериската опрема. Системот Audi drive select логично има еден режим повеќе – offroad.
Audi стартува со нарачки за новите A4 и S4 TDI уште во мај, а за A4 allroad quattro во јули. Испораките ќе следуват наесен. Германската цена за A4 35 TFSI, со дволитарец со 150 КС и со менувач S tronic изнесува 35.900 евра. За S4 TDI се потребни 62.600 евра. Надвор од Европа, S4 и S4 Avant ќе се испорачуваат со трилитарски V6 TFSI со 354 КС. Спринтот во тој случај трае 4,7 секунди.