за

Новиот Audi A3 ќе биде „вулкан“ меѓу компактите

audi a3 2020
audi a3 2020

Audi става посебен нагласок на возната динамика кај својот компакт што ја дели платформата со Golf 8. Погонот quattro може до 100% да ја пренесува моќта назад, има и управување со променлив преносен однос. Во поглед на моторите и електрификацијата, примерот е Golf.

Уште една важна светска премиера на салонот во Женева. Во март, покрај езерото Леман ќе дебитира новиот Audi A3 Sportback. Неколку избрани новинари ја добија честа уште сега да го испробаат новиот модел, на место со соодветна симболика. Првото возење на A3 се одвиваше на португалскиот остров Сао Мигуел на Азорите, 1.500 километри далеку од копно.

Audi точно го избра овој архипелаг од вулканско потекло за да укаже на тоа дека и новиот A3 е како вулкан. По рутите по кои некогаш се возеше релито на Азурите, четвртата генерација на компактот требаше да ја докаже својата основна доблест, погонот quattro.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Јадро на новата генерација на погонот на сите тркала е електрохидраулична ламелна спојка што контролирана од интелигентен софтвер. Резултатот е подобрена стабилност, подобра тракција, поголемо уживање во возење и висока ефикасност. На тоа следат уште активно подвозје и управување со променлив преносен однос.

Спојката се наоѓа на завршетокот на карданското вратило пред задниот диференцијал, со повеќе ламели коишто работат во масло. Металните фрикциски прстени се поставени во парови еден по друг – едниот од прстените што се во пар е во запчеста спрега со ротирачката корпа на спојката, којашто ротира заедно со карданското вратило, додека другиот прстен преку кусото погонско вратило е поврзан со задниот диференцијал.

New photo by Automedia MK / Google Photos

При нормално возење, најголемиот дел од вртежниот момент се пренесува на предната оска. При поаѓање или во случај на пролизгување на тркалата се вклучува аксијална клипна пумпа со електричен погон, којашто создава притисок до 44 бари врз пакетот ламели. Колку е повисок притисокот, толку повеќе вртежен момент се пренесува на задната оска, до 100 проценти.

Спојката може да пренесе дел од вртежниот момент до задната оска и во случај кога возачот ќе почне да вози поспортски. При нагло одземање гас, распределбата на вртежниот момент провоцира контролирано лизгање на опашот, со цел да се скуси радиусот и да се постигне подобра динамика.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Како врв, кога A3 ќе се најде на граница на стабилноста во свијок следи контролирано потсопирање на тркалата што се од внатрешната страна во свијокот, заради спречување на подуправувањето. Тоа е фамозниот Torque Vectoring.

Меѓу крајните положби на прогресивното управување со променлив преносен однос има само 2,5 вртежи

Секако дека врз возењето многу влијае и прогресивното управување. Запчестата летва има различен преносен однос при различно свртување на воланот. При мало свртување, преносниот однос е мал и управувањето работи мошне директно. Тоа е добро и при паркирање, затоа што нема потреба од многу вртење на воланот. Покрај тоа, на кривулест пат се подобрува возната динамика.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во новиот А3 постојат три режими на работа на амортизацијата. Сензори го мерат вертикалното забрзување на каросеријата и движењето на тркалата во однос на каросеријата. Компјутер го пресметува тоа и во рок од неколку милисекунди активира соодветна реакција на секој одделен амортизер. Тоа се должи на електромагнетните вентили во амортизерите, кои во зависност од условите пропуштаат помалку или повеќе масло низ нив, односно произведуваат потврда или помека реакција.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Audi drive select е уште една можност да се влијае врз работата на погонската спрега и подвозјето, односно на хармонијата меѓу нив. Возачот може да избира меѓу комфорeн, автоматски, динамичен, штедлив или индивидуален режим.

Под хаубата ќе работат три- и четирицилиндарски мотори, бензинци и дизели, повеќе верзии на хибрид и веќе традиционалната изведба со погон на метан. Повеќе детали во поглед на техниката ќе бидат познати по премиерата во следниот месец.

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia Sorento

Kia Sorento стартува во нова генерација во Женева

gordon murray MOTIV

Конструкторот на McLaren F1 развива роботско мини