за

VW Polo, ама под знакот на Audi

Audi A1 Sportback

Најмалечкиот модел со четирите прстени е единствен во премиум сегментот во оваа класа, којшто вози под знакот на матичната марка. Втората генерација на Audi A1 го следи новиот стил на марката, изгледа самоуверено и сака да привлече поширок круг купувачи

Mercedes го има Smart Forfour, BMW е позициониран со Mini, додека Audi настапува со Audi A1. Не е безначајно тоа што единствено A1 вози под знакот на сопствената марка. Не е и дека во Audi имаат причина да се пожалат од начинот на којшто A1 досега ги бранеше боите на марката.

Втората генерација на Audi A1 пристига по осум години, со многу построги линии и поагресивен стил во споредба со претходникот. Трите тесни отвори над маската не се само заради украс, туку се повикуваат на Sport quattro од 1984 година. Дневните светла се интегрирани во главните светла, исто како кај A6. Дебелиот заден столб потсеќа на Q3. Опашот завршува со диодни светла со остри линии и со стилизиран дифузор во браникот.

Средишната конзола е завртена за 13 степени кон возачот

Повеќе стил има и во внатрешноста. Рабовите на отворите за воздух, рамката околу рачките во вратите и слични детали може да бидат изведени во боја по желба. Дигитална табла со инструменти и мултифункциски волан се вградуваат како стандард, а со доплата стои на располагање и виртуелниот кокпит на Audi. Се нуди и поедноставена верзија на MMI, со дисплеј од 10 инчи и со поле за впишување команди со прст. Климатизацијата остана на класичните прекинувачи.

Audi A1 Sportback II 2
Audi A1 Sportback порасна за девет сантиметри и ќе се нуди само со пет врати

Должината на возилото порасна за девет сантиметри, што носи многу повеќе простор во кабината. Покрај тоа, новиот A1 нема да се нуди во верзија со три врати. Претходникот имаше проблем да ги убеди купувачите, затоа што продажбата постојано паѓаше уште од 2011 година. Од новакот се очекува да постигне годишна продукција од преку 100.000 примероци. Тоа секако дека ќе зависи и од цените. Audi засега наведува само дека цената на германскиот пазар ќе биде пониска од 20.000 евра. Продажбата во Германија би требало да стартува во октомври.

Audi A1 Sportback II 3
Трите тесни отвори над маската се во стилот на Sport quattro од 1984 година

Со значајниот пораст во должината на каросеријата доаѓаат и дополнителни 43 милиметри во внатрешната ширина. Разликата со Polo повеќе се покажува во багажникот, кадешто новиот A1 порасна за 65 литри, но со 335 литри се уште заостанува зад Polo со 351 литар. Истото важи и при соборување на клупата: 1.090 литри за A1, односно 1.125 литри за Polo.

Двобојната каросерија е интересна опција за купувачите во градската класа

За каросеријата стојат на располагање 11 бои, а за првпат може да се нарача и двобојна каросерија. Во поткрилата собира бандажи до 18 инчи. Купувачите добиваат голема слобода со можноста стилските пакети за надворешноста да се комбинираат со кој било стилски пакет за внатрешноста.

Audi A1 Sportback II 4
Стилизираниот дифузор во задниот браник го нагласува спортскиот карактер на A1 Sportback

Како што стана практика на премиум марките, продажбата на Audi A1 ќе стартува со специјална серија, опремена со бандажи од 18 инчи, со затемнети предни и задни светла, комплетно зацрнет знак на Audi и со каросерија во бронзена, бела или црна боја.

На списокот на опции се наоѓа спортско подвозје, по желба и со приспособливи амортизери, како и два динамик-пакети коишто го нагласуваат спортскиот карактер. Во овие пакети се добиваат поголеми сопирачки дискови, клешти во црвена боја и генератор на звук.

Audi A1 Sportback II 5
Дигитални инструменти и мултифункциски волан се стандард, со доплата следи средишен дисплеј со пречник до 10 инчи

Системот „Drive Select“ нуди четири режими на работа на управувањето и на реакцијата на моторот, од нагласено спортско, до нагласено комфорно возење. За првпат во Audi A1 може да се добие камера за рикверц, заедно со сензори напред и назад.

Само бензински мотори, моќност од 95 до 200 КС

Понудата од погонски единици се состои само од бензински мотори. Основниот модел ја носи ознаката 25 TFSI и поседува трицилиндарец од 1,0 литар, со 95 КС и 175 њутнметри. Истиот мотор во верзијата 30 TFSI постигнува 116 КС и 200 њутнметри. Следи верзијата со новиот 1,5-литарски бензинец, со ознака 35 TFSI, со 150 КС и 250 њутнметри. Врв во понудата е 40 TFSI со дволитарец со 20 КС и 320 њутнметри. Сите мотори се достапни во комбинација со 7-степен менувач со двојна спојка. Единствено Audi A1 Sportback 40TFSI стандардно доаѓа со 6-степен менувач со двојна спојка.

Исто како кај претходникот, гамата ќе ја заокружи S1, кој во новата генерација сосем сигурно ќе располага со најмалку 250 КС.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

bmw i8 roadster bmw open golf

Овој човек во еден замав заработе BMW i8 Roadster

Suzuki Jimny 2018

Suzuki Jimny го следи примерот од G-Class