за

Audi A1 поевтинува со новиот трицилиндарски мотор

Основната моделска изведба во понудата на најмалечкиот Audi во иднина ќе вози со трицилиндарец, со когошто A1 е 2.300 евра поевтин од првиот посилен модел. Но, за тоа треба да се почека.

Моделското освежување му донесе нов трицилиндарски бензинец под хаубата на најмалечкиот Audi. Со овој мотор со зафатнина од еден литар, познат од Polo и Fabia, новиот A1 во германскиот ценовник на Audi ќе стартува за нешто помалку од 17.000 евра. Моторот со турбонатполнење и директно впрскување, како и варијабилна работа на обете брегасти вратила и интеркулер, постигнува 95 КС и во просек троши 4,3 литри бензин на сто километри. Оваа моделска изведба сепак ќе стартува нешто подоцна од останатите, односно дури во мај следната година. Актуелното годиште на А1 во македонскиот ценовник за Audi стартува од 18.059 евра за A1 1.2 TFSI Attraction. За цената на А1 1.0 TFSI сепак треба да се почека официјалната објава на новиот ценовник.

Продажбата на освежениот А1 на германскиот пазар стартува кон крајот на февруари, со цена од 19.300 евра за 1.4 TFSI со 125 КС. Истиот мотор се нуди и во верзија со 150 КС, со автоматско исклучување на цилиндрите заради штедење, а врвот во бензинската понуда му припаѓа на 1,8-литарскиот TFSI со 192 КС, којшто инаку работи и во новиот Polo GTI. Понудата кај дизелите се состои од оптимираниот 1,6-литарец со 116 КС и од новиот 1,4-литарец со три цилиндри и моќност од 90 КС. Последниов троши во просек 3,4 литри на сто километри.

Исто како и кај претходникот, новиот A1 со доплата е достапен и во изведбата Sportback, со пет врати. Најспортскиот модел во понудата ја носи ознаката S1 и располага со 231 КС.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Еден милион примероци од Golf Sportsvan

Porsche Macan се продава одлично – поголема продукција в година