Петстотини километри досег ветува Audi за идниот кросовер со електричен погон. Батериите за автомобилот ќе ги испорачуваат корејските специјалисти LG и Samsung.
Audi ќе користи батериски ќелии од корејските гиганти LG Chem и Samsung SDI за идниот кросовер со електричен погон. Обата партнера на Audi планираат да инвестираат во батериска техника во Европа и комплетно да го снабдуваат производителот од Инголштат. Новата технологија ќе им овозможи на сопствениците на идниот кросовер автономија од преку 500 километри со едно полнење на батериите, што е веќе мошне блиску до возилата со конвенционален погон.
„Заедно со нашите јужнокорејски партнери за развој ќе го донесеме производството на последната технологија на батериски ќелии во ЕУ и ќе ја зајакнеме улогата на Европа во оваа клучна технологија“, изјави првиот човек за набавки во Audi, др. Бернд Мартенс. Батериските модули ќе се одликуваат со особена ефикасност. „Нудиме технолошко решение што прави електричните автомобили да бидат уште поатрактивни за купувачите.“
„Со нашиот прв спортски теренец со електричен погон ги соединуваме возењето без штетна емисија со задоволството во возење“, смета др. Улрих Хакенберг, шеф за развој. „Ние оптимално ги интегрираме иновативните ќелиски модули развиени од LG Chem и Самсунг СДИ во архитектурата на нашите автомобили, за да постигнеме атрактивен комплетен пакет од спортски својства и досег во возењето.“