за ,

Audi ТТ quattro sport concept во Женева: Два литра и 420 КС

Покрај премиерата на третата генерација на компактното купе во Женева, Audi ја покажува и студијата што го извлекува полниот потенцијал од моделот. Тјунирање од фабрика.

Новиот Audi TT уште нема извозено ниту километар во рацете на купувачите, а веќе доживува тјунинг, и тоа, од самиот производител. Дволитарскиот TFSI во студијата Audi ТТ quattro sport concept извлекува 420 КС при 6.700 вртежи, што е доволно вредно за рекорд. Инженерите на Audi извлекоа 210 КС од литар работна зафатнина, што е повеќе отколку кај победничкиот тркач R18 од 2001 година, во кого што Германците за прв пат комбинираа турбонатполнење и директно впрскување ан горивото. Во комбинација со тежината од 1.344 килограми и соодносот од 3,2 килограми по КС, студијата забрзува за 3,7 секунди до сто.

Моторот од третата генерација на семејството ЕА888 поседува варијабилно управување со одот на вентилите AVS, варијабилна работа на брегастите вратила, како и дуален систем за напојување со гориво, со комбинација од директно и индиректно впркување. На ова се надоврзуваат специјални клипови со интегриран канал за ладење и коленасто вратило од кован челик со висока цврстина. Главата на моторот претрпе модификации, исто како и блокот на моторот, кој е излеан од легура со повисока цврстина од стандардната. Оптимираниот турбополнач создава притисок до 1,8 бар.

Audi TT quattro sport concept

Моќта се пренесува на асфалтот преку менувач со двојна спојка со три вратила и постојан погон на сите тркала quattro. Заради подобра распределба на тежината, ламеластата спојка е вградена во задната оска. Погонот quattro активно го распределува вртежниот момент меѓу оските, со реакција од само неколку милисекунди, заради подобрување на динамиката на возењето.

За комплетна трансформација во расен тркач е неопходно и соодветно подвозје. Амортизацијата е скрутена, каросеријата е поблиску до асфалтот. На предната оска паѓаат 54 проценти од тежината, а остатокот од 46 проценти на задната. Моќта од моторот се распределува активно при влегување во свијоци, односно внатрешното тркало со послаба тракција се потсопира, додека надворешното тркало добива повеќе вртежен момент. Со тоа се подобруваат управливоста и стабилноста во свијоци.

Audi TT quattro sport concept

Каросеријата е изработена со комбинирање на алуминиум и челик и олесенета е за околу 50 килограми од онаа во претходникот. Предниот дел од каросеријата е од челик, подот е од тенок челичен лим со висока цврстина, кој што е кален во конечната форма, а целата внатрешна и надворешна структура на кабината, како и вратите и капаците се од алуминиум.

Audi TT quattro sport concept

Салонскиот примерок стои на бандажи од 20 инчи со полуслик гуми, со спојлери од карбон и со крила што се извлечени за 30 милиметри нанадвор, заради место за широките гуми. Во внатрешноста немаше потреба да се прават подрастични промени – TT од третата генерација премина на минималистички концепт на ентериерот, што само по себе посредува спортска атмосфера. Појавувањето со оваа „навиена“ студија во Женева сигурно не е случајност. Премиум марките се враќаат активно во сите класи во мотоспортот и Audi нема да биде исклучок.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Maserati Alfieri Concept за стогодишнината на марката

Honda Civic Type R: Трката во компакт класата се вжештува