за

Audi со три електрични модели E-tron и два нови Q теренци до 2020

Агендата на Audi за претставување нови модели е густо пополнета. До крајот на десетлетиево пристигаат два нови модела во семејството Q, три електромобили E-tron, како и редовно освежување на пет псотоечки моделски серии. Новиот Audi A8 се појавува веќе во јули.

Audi деновиве се соочува со нови напади околу надминувањето на емисијата на азотни оксиди на моделите со V6 и V8 TDI, но тоа нема да ги поколеба амбициозните планови на марката со четирите прстени. Во Audi се случуваат стратешки промени, а како истите ќе се одвиваат до крајот на деценијава, менаџментот откри на неодамна одржаниот годишен собир во Некарсулм.

Шефот Руперт Штадлер пред акционерите во компанијата најави обновување на пет постоечки моделски серии до средината на следната година. „Покрај тоа, ќе го прошириме нашето успешно семејство модели Q со два нови концепта до 2019 година – Audi Q8 и Q4, а ќе ги лансираме и нашите електрични модели e-tron,“ најавува Штадлер. Марката планира да претстави три нови модели со електричен погон до 2020 година, по што ќе следува постепена електрификација на погонската спрега во сите моделски серии.

Audi e-tron Sportback concept_n

Во 2019 година стартува првиот од најавеното трио модели e-tron

Значајни премиери следуваат веќе годинава, со новите генерации на знаменосецот A8 и на A7 Sportback. Лимузината ќе биде претставена во рамките на самитот на Audi што ќе се одржи во Барселона на 11-ти јули. Штадлер ветува досега невиден спектакл: „Таму на светот ќе му покажеме сé што значат напредокот преку техникаи нашата марка.“ Баварците во иднина ќе го користи новиот начин на организирање на моделските премиери, што за првпат ќе биде применет на манифестацијата во Барселона.

Една третина од продажбата ќе бидат електрични модели до 2025 година

Во април, Audi најави заеднички развој на техника и модели со Porsche. Дел од оваа стратешка соработка под покрив на концернот Volkswagen е заеднички развој на електричен погон. Планот е една третина од вкупната продажба на марката до 2025 година да отпаѓа на модели со плагин-хибриден или целосно електричен погон.

Audi prologue Avant (2015)

Audi prologue Avant од 2015 година беше последниот во серијата концепти што го најави изгледот на новиот A8

Паралелно растат и вложувањата во развој на дигитални услуги. Основањето на myAudi е првичен чекор кон создавање платформа за услуги што ќе бидат базирани на интернет и истите ќе бидат достапни и за компании надвор од концернот. До крајот на деценијава Audi ќе ја прошири и понудата од услуги за мобилност во урбаните средини, на најмалку 15 пазари низ светот.

Со основањето на Autonomous Intelligent Driving GmbH во март годинава, Audi добива водечка улога во развојот на технологија за автономно возење во рамките на концернот. Оваа технологија ќе биде достапна во мала серија модели во почетокот на следната декада.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Renault TreZor прогласен за најубав концепт на Вила д’Есте

Elise Cup 250 е најбрзиот четирицилиндарски Lotus во историјата