за , ,

Audi со брзински рекорд за дизели на патеката Заксенринг

Audi постави најдобро време за автомобили со дизел мотор на Заксенринг. Патеката долга 3,6 километри, RS5 TDI competition concept ја совлада за 1:35,35 минута. Нова технологија стои зад овој успех.

Прототипот со нова технологија од марката со четирите прстени ја постигнува моќта од 435 КС од трилитарски V6 дизел со битурбо натполнење. Тајната на овој Audi сепак е во една нова технологија, на којашто и претстои голема иднина. Станува збор за компресор со електричен погон. Рекордот го постави данскиот тркач Ники Тим за време на денот на рекорди на патеката Заксенгинг, во организација на германскиот магазин Auto Bild Sportscars и производителот на гуми Michelin. Со 1:35,35 минута, Audi RS 5 TDI competition concept го подобри времето од февруари годинава за 1,87 секунда.

Премиера на електричното турбо во новата генерација на А4

Audi RS 5 TDI competition concept се базира на техничката студија којашто беше претставена во ланското лето во чест на 25-годишнината од првиот мотор TDI. Оттогаш концептот се усовршува постојано и соодветно се уриваат рекордите на тркачките патеки. Максималниот вртежен момент на трилитарскиот TDI со 435 КС се зголеми на 800 њутнметри. Со оваа моќ, спортскиот TDI забрзува до сто за 4,0 секунди и за помалку од 16 секунди е веќе на темпо 200.

Суштинската иновација во овој битурбо TDI е во компресорот со електричен погон, којшто работи заеднички со двата класични турбополначи. Предноста на електричниот компресор е во тоа што побрзо произведува притисок, односно дејствува уште при најниски вртежи, затоа што не му е потребно да се создаде одредена брзина на струење на издувните гасови. На тој начин, моторот повлекува порано, а се постигнуваат и подобри вредности на забрзување, затоа што двата класични турбокомпресори можат да бидат со поголеми димензии и ориентирани за максимална моќност.

Електричната турбина е до трипати побрза од класичната

Електричниот турбокомпресор ќе има деби во септември, во новата генерација на Audi A4
Електричниот турбокомпресор ќе има деби во септември, во новата генерација на Audi A4

Малечок електромотор со моќност од 7 киловати ја завртува турбината со максимално 72.000 вртежи за време од 250 милисекунди, произведувајќи притисок за натполнење независно од енергијата на издувните гасови. За споредба, на класичниот турбокомпресор му е потребно два до трипати подолго време додека се постигне соодветниот број на вртежи на турбината. За новата технологија да функционира беспрекорно е потребно да се обезбеди еден предуслов. Во спортскиот Audi дополнително работи струјна мрежа со напон од 48 волти, којашто главно го снабдува со струја електромоторот за турбината. Со мрежата со четирипати повисок напон се овозможува побрз пренос на поголеми количини на електрична енергија, што е неопходно за електричниот компресор. Обете технологии ќе бидат претставени премиерно пред публиката на салонот во Франкфурт, во септември, во рамките на светското деби на новата генерација на Audi A4.

Освен во погонот, во Audi RS 5 TDI competition concept се извршени модификации и во каросеријата, така што возилото е за 241 килограм полесно од стандардниот модел. Хаубата е од карбон, вратите од алуминиум, додека целиот издувен систем е изработен од титан. Седиштата исто така имаат карбонска основа, а задната клупа е заменета со провизорно решение. Во исто време е намалена и дебелината на стаклата, односно дел се заменети со плексиглас. Audi ја користи истата технологија и во студијата Audi TT clubsport turbo, кадешто електричниот компресор работи во 2,5-литарскиот TFSI со пет цилиндри.

audi rekord elektro turbo 1

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Искуства на берлински таксист со хибридниот Mitsubishi Outlander

14 држави со еден резервоар: Рекорд на Audi A6 TDI ultra