за ,

Audi открива дека кај „проблематичниот“ 3.0 TDI се работи за недоразбирање

Audi тврди дека тоа што ги буни американските еколози кај 3.0 TDI е непријавен софтвер за регулација на температурата на издувните гасови. За коригирање на проблемот Audi ќе потроши 50-60 милиони евра.

Audi вечерва објави соопштение околу проблемот што американската агенција за заштита на животната средина го откри кај моделите со трилитарскиот дизел мотор. Според соопштението, Audi ќе ги преработи параметрите во софтверот што е инсталиран во V6 TDI 3.0, детално ќе ги документира промените и ќе ги поднесе на повторно одобрување пред властите. Тоа е резултатот од преговорите меѓу делегација на Audi AG и американската агенција EPA, како и калифорнискиот борд за воздушни ресурси CARB. Преработениот софтвер ќе се вчита откако ќе го одобрат властите. Проблемот се однесува на трите марки Audi, Porsche и Volkswagen. Според процените на Audi, трошокот за оваа корекција ќе изнесува меѓу 50 и 60 милиони евра.

„Проблемот“ кај трилитарскиот дизел е во документацијата за хомологација

Предмет на разговорите беше пријавата за прекршок од 2-ри ноември, затоа што Audi недоволно ги објаснил и декларирал надворешните уреди за контрола на емисијата при поднесувањето на хомологацијата на моделите со трилитарски дизел во САД. Тоа сега ќе се коригира со обновување на софтверот и на документацијата.

Audi потврди дека три надворешни уреди за контрола на емисијата не биле пријавени при хомологацијата на возилата за американскиот пазар. Кај еден од овие уреди се работи за контрола на температурата на системот за пречистување на издувните гасови. Кај другите два уреда станува збор за систем за спречување на создавање талози во вентилот за дозирање на адитивот Ad-Blue, односно за систем што спречува создавање нечистотии во катализаторот SCR од несогорени јаглеводороди (HC-Poisoning). Еден од овие уреди е оценет како „манипулациски“ уред според важечките американски закони. Конкретно, станува збор за софтвер за контрола на температурата во системот за пречистување на издувните гасови.

До отстранувањето на проблемот ќе биде стопирана продажбата на моделите со „проблематичниот“ софтвер. Трилитарскиот дизел е развиен од Audi и од 2009 година се вградува во моделите A6, A7, A8, Q5 и Q7 за пазарот во САД. Volkswagen го вградува моторот во Touareg, а Porsche од 2013 година го користи во Cayenne. Audi нагласува дека „сите погодени модели се технички безбедни и во возна состојба“.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen користи паметни очила 3D во сериското производство

Тест на зимски гуми на клубот АДАК: Димензија 205/55 R 16 H (Втор дел)