за

Audi го потврди развојот на големиот теренец Q8

Новиот Q7 дебитираше во Детроит во минатата недела. Поголемиот и попрестижен Q8 треба да ја поттикне продажбата во САД

Шефот на Audi потврди дека неговата марка планира да воведе нов престижен теренец кон крајот на декадата. Audi Q8 ќе се продава првенствено во САД, Кина и на Блискиот Исток.

Руперт Штадлер, првиот човек на Audi, денес потврди за „Блумберг“ дека развојот на големиот теренец Q8 се одвива под полна пареа. Марката со четирите престени го претстави новиот Q7 на салонот во Детроит во минатата недела. Според Штадлер, поголемиот модел „ќе ја зајакне марката“. Тој очекува моделот да се појави во продажба до 2020 година. Воведувањето на Q8 како знаменосец во понудата на спортски теренци првенствено ќе ја зајакне продажбата во САД, кадешто марката Audi постигнува само половина од продажбата на конкурентите BMW и Mercedes.

Конкуренцијата ќе се засили дополнително кон крајот на годинава, со најавениот старт на продажбата на Bentayga, првиот теренец на луксузната марка Bentley, а за следната година се очекува и Maserati Levante.

Аналитичарите предвидуваат дека престижните автомобили во следните години ќе го зголемат своето учество на американскиот пазар на 13 проценти, од сегашните 10 проценти. Штадлер е убеден дека ќе успее да ги престигне конкурентите: „Успеавме во тоа во Кина, успеавме и во Европа. Зошто тоа не би се случило и во САД?“

Знаменосецот Q8 е дел од планираната инвестиција на Audi од 24 милијарди евра во следните пет години. Најголемиот дел од инвестицијата ќе се насочи во зголемување на бројот на модели, од сегашните 50 на 60 модели. Цел на Audi е до 2020 година да го престигне BMW како најголем производител на престижни автомобили во светот. Заостатокот на Audi зад BMW моментно изнесува околу 70.000 возила, додека лани беа десет илјади возила повеќе. Mercedes заостанува далеку на третото место, со 160.000 возила помалку од BMW.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

McLaren 650S Le Mans за 20-годишнината од победата во Леман

Кои автомобили најмногу одговараат за „двометраши“?