148
20 shares, 148 points

По полнолетството во трките со прототипи, Audi ги препушта Леман и Спа на сестрата Porsche и во следната сезона се посветува на нов предизвик: Електричната формула. Audi нема да биде единствена премиум марка во шампионатот што во иднина носи поголема возбуда од Формула 1. Jaguar исто така чека подготвен на стартната линија на Формула Е.

Шефот Руперт Штадлер им ја соопшти новата стратегија на 300-те специјалисти во одделението за мотоспорт на Audi. Трките со прототипи заминуваат во историјата, тркачките експерти во Нојбург и Некарсулм во иднина ќе работат на електрична формула и на примената на искуствата во автомобилите од сериско производство.

Досегашните тркачки прототипи на Audi во светското првенство во издржливост беа предводница за дизел моторите во сериските модели на марката. Според тоа, како што електричните возила добиваат сé повеќе на важност, логично беше Audi да се префрли на електричниот погон, односно на негова промоција преку мотоспортот, преку Формула Е.

Електрична формула место тркачки прототип со TDI и електромотор

Од 2018 година, Audi секоја година ќе претставува по еден модел со погон на струја. Една година порано, што значи веќе во сезоната 2017/2018, Audi ќе стартува во Формула Е. Во актуелната сезона, марката од Инголштат ќе го прошири партнерството со тимот ABT Schaeffler Audi Sport, којшто учествува во електричниот шампионат уште од самиот почеток. Од следната сезона, Audi ќе стартува како фабрички тим.

Ангажманот во германското првенство со туристички возила DTM продолжува и во 2017 година Audi ќе настапува со наследникот на RS 5 DTM. Пред само неколку недели, Баварците ја обезбедија шампионската титула во конкуренција на производители и тимови. Шампионската титула во DTM на марката со четирите прстени последен пат и ја донесе Мајк Рокенфелер во 2013 година.

Во реликросот исто така претстои воведување на електричниот погон

Неизвесно е дали Audi ќе остане во реликросот. Фабричкиот возач Матијас Екстром таму предвреме ја освои шампионската титула со S1 EKS RX quattro. Неизвесноста се однесува единствено на прашањето дали Audi ќе продолжи да соработува со фабрички тимови или ќе се активира како фабрички тим, затоа што и во реликросот претстои воведување на електричниот погон.

Audi цели 18 години се тркаше со прототипи во светското првенство во издржливост, постигнувајќи 13 победи на 24 часа Леман. Првата победа беше постигната во 2001 година со бензински TFSI, за пет години подоцна триумфот да го постигне TDI, а во 2012 и првиот триумф на спортски автомобил со хибриден погон.

На вкупно 185 трки, прототипите на Audi постигнаа 106 победи, 80 пол позиции и 94 најбрзи кругови во трка. Хибридниот Audi R18 e-tron quattro двапати го освои првенството.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

148
20 shares, 148 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *