за

Ateca Cupra „фатена“ во фабричкиот двор на Seat

Фото: Autocar

Врвната спортска изведба од теренецот на Seat е забележана во фабричкиот двор од британскиот магазин Autocar. Продажбата на Ateca Cupra се очекува да стартува кон крајот на следната година, со дволитарскиот турбо со над 300 КС од Golf R.

Во шпанската марка немаат намера да пропуштат спортска верзија Cupra од својот прв теренец. Магазинот Autocar при посета на фабриката на Seat во Барселона ја забележа уште „неоткриената“ Ateca Cupra, паркирана покрај останатите автомобили. Во вообичаените манири на Cupra, спортската изведба на теренецот носи бандажите со дизајн на „Cup-Racing“, поголеми сопирачки, четири издувни цевки и спортски додатоци на каросеријата.

Под хаубата на Ateca Cupra е сосема извесно дека ќе работи дволитарски турбо-бензинец, прашањето е дали тој ќе биде во верзијата од Leon Cupra со 290 КС или од Golf R, со 300 КС и во комбинација со погон на сите тркала. Шпекулацијата потекнува оттаму што Британците забележаа дека црвеното поле на бројачот на вртежи почнува дури на 8.000 вртежи, додека брзиномерот оди до „300“.

Leon Cupra 4 возеше со погон на сите тркала и шестцилиндарец со 204 КС

Ateca нема да биде првиот модел Cupra со погон на сите тркала. Во првата генерација на Leon, Шпанците ја имаа верзијата Cupra R, со 2,8-литарски V6 со 204 КС и халдекс-спојка. На неодамнешниот салон во Париз, Seat експериментираше со концептната Ateca X-Perience, заради проба како публиката ќе реагира на идна верзија што ќе биде повеќе ориентирана за возење по терен. Ateca Cupra сепак нема да изостане.

На лансирната рампа на Seat веќе чекаат петтата генерација на Ibiza и компактниот кросовер Arona врз истата основа. При неодамнешното моделско освежување на Leon беше најавено дека треба да се очекува изненадување од неговата верзија Cupra. Каде точно Seat планира да ја позиционира Ateca Cupra во овој густ распоред, уште не е потврдено. Премиерата веројатно ќе се случи дури кон крајот на следната година. На Шпанците не им се брза, Ateca веќе бележи фантастични бројки во продажбата.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Nissan го сели производството на Qashqai од Сандерленд

Тест на АДАК: Диодни светла на шест компактни теренци