158
21 shares, 158 points

Откако Porsche Taycan разјасни дека електричниот погон нема да ги одмине ниту спортските марки, пристига одговор од Aston Martin. Британците го прикажаа Aston Martin Rapide E на салонот во Шангај, кој ќе се произведе во мала серија од 155 примероци.

Првиот електричен автомобил на Aston Martin е подготвен за старт. Сериската изведба на спортската лимузина Rapide E доживеа светска премиера на салонот во Шангај. Мала серија од моделот ќе започне да се изработува уште во текот на годинава. Планот е да се изработат 155 возила, чијашто цена ќе изнесува околу четвртина милион евра.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Основата за спортската лимузина со погон на батерија доаѓа од стандардниот Rapide. Инженерите успеаја да ја подобрат и аеродинамиката, затоа што кај електричниот погон нема потреба од толку обемно снабдување на погонската спрега со воздух, како што е случај кај моторот V12.

Моќност од 610 КС, но досегот е само 320 километри – различно е кога моделот од старт е конструиран за електричен погон, како што е случај кај Porsche Taycan

По пример на германскиот електромобил, погонот исто така работи под 800 волти, со два електромотори назад, кои заедно постигнуваат 610 КС и 950 њутнметри. Батеријата од 65 kWh е релативно скромна, па соодветно и досегот изнесува само 320 километри, според новата норма WLTP.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Крајната брзина изнесува 155 милји на час, односно 250 km/h, спринтот до темпо сто трае помалку од четири секунди, додека за меѓузабрзување од 80 до 110 km/h е потребнa само 1,5 секунда. При користење на типичен 400-волтен полнач со 50 kW, полнењето на батеријата трае малку подолго од еден час. Во случај да се користи супербрз полнач со 100 kW и 800V, времетраењето на полнењето соодветно се преполовува. Со сопствениот полнач во возилото, потребни се околу три часови.

Ова е првиот електричен автомобил на Aston Martin. Британците најавуваат и други модели на струја, меѓу другото и под повторно заживеаната марка Lagonda. Студија што го најавува идниот модел на престижната марка беше прикажана во март на салонот во Женева.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

158
21 shares, 158 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *