за

Aston Martin како на Џејмс Бонд чини 3,6 милиони евра

Aston Martin DB5 Continuation 00001
Aston Martin DB5 Continuation 00001

Сцената кога Aston Martin DB5 во епизодата „Голдфингер“ му служи на Џејмс Бонд да се спаси од злосторниците, навела многумина на помислата да набават ист таков автомобил. Aston Martin сега излегува во пресрет на овие желби со почетокот на испораката на серијата од 25 примероци од легендарниот 007-автомобил.

Aston Martin пред околу две години најави дека ќе изработи нова серија од легендарното купе DB5 од 1960-те години, од прочуената епизода „Голдфингер“ од филмскиот серијал со Џејмс Бонд. Британската куќа сега го испорача првиот од вкупно 25-те реплики на овој автомобил, опремен со мноштво системи како во оригиналниот автомобил од филмските сцени.

Меѓу специјалните направи секако дека не смее да недостига вртливата регистерска таблица, исто како и ножевите што излегуваат од тркалата, и секако дека тука само ја симулираат својата оригинална функција. Сличен пример е катапулт-возачкото седиште, за коешто клиентите можат да нарачаат и соодветен отвор во покривот, но ракетниот погон под седиштето сепак ќе недостига.

Тоа што не е прикажано на филмот, а постои во репликата на DB5 се „роговите“ што излегуваат од предниот браник, заедно со заштитна плоча што се поставува пред задното стакло за заштита од куршуми или митралезите што се кријат зад магленките. За онеспособување на потерата служи машина за магла, а слична цел има и уредот што симулира прскање масло врз асфалтот.

Прекинувачите за ракување со овие функции исто така се изведени во стилот на 1960-те години. Во кабината се наоѓа и радарски екран, држач за оружје под седиштето и голема црна телефонска слушалка, што е сместена во вратата.

Исто како оригиналот од филмот за Џејмс Бонд, репликата користи четирилитарски мотор со шест цилиндри во линија, со 294 КС, кој сепак е комбиниран со модерен мануелен менувач со 5 степени. За изработката на еден примерок од автомобилот се потребни 4.500 часови. Покрај тоа што располага со мноштво „нестандардни“ функции, DB5 секако дека е одличен за возење, но само на приватен посед. Не се издава хомологација за бондовскиот Aston да се вози на таблици.

Тоа не им пречеше на клиентите да се пријават за примерок од историскиот автомобил произведен сега. Цената изнесува 3,6 милиони евра. Серијата е распродадена, сите 25 примероци ќе им бидат испорачани на клиентите уште во текот на годинава.

https://www.instagram.com/p/CCV613LHAtM/

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes S-Class kabina 00001

Во оваа капсула е кабината на новиот Mercedes S-Class

Lamborghini Sion Roadster 00001

Lamborghini Sian е најсилниот родстер во светот