Aston Martin повикува во сервис повеќе модели произведени во последните осум години. Проблемот е во неисправните грејачи во седиштата од коишто може да се вжешти задникот.
Британската марка со скапите автомобили повикува во сервис 27.675 возила од моделските серии DB9 (Coupé, Volante), DBS (Coupé, Volante), Virage (Coupé, Volante), V8 Vantage (Coupé, Roadster), V8 Vantage S (Coupé, Roadster), V12 Vantage (Coupé, Roadster), V12 Vantage S (Coupé, Roadster) Zagato и One-77. Автомобилите се произведени во периодот меѓу јули 2006 и ноември 2014.
Причина за сервисниот повик е оштетената изолација на каблите до контролата на греењето на седиштата, којашто може да предизвика дефект на контролата на работата на грејачите во седиштата. Во тој случај, грејачите работат постојано при вклучен контакт и водат кон прегревање што може да предизвика повреди на патниците. Во сервисните работилници на Aston Martin ќе се вградува електронски контролен модул за грејачите, којшто гарантира правилно функционирање на системот. За тоа ќе биде потребно возилата да останат во сервис околу еден час.
Во минатата година Aston Martin веќе им предизвика непријатност на сопствениците. Држачите на механизмот на педалите стануваа кршливи поради желбата на кинескиот производител да постигне поголем профит преку користење на поевтин материјал. Сите возила произведени во последните десет години мораа да се пријават заради интервенција во сервис.