за

Aston Martin и Zagato во двоен дизајнерски напад

Италијанскиот Zagato петти пат ги впрегнува своите креативни моќи по налог на Aston Martin. Концептниот автомобил Vanquish Zagato ќе се појави на престижниот собир на езерото Комо.

На традиционалниот собир на најскапите историски автомобили и највозбудливите концепти од денешницата на езерото Комо во Италија, Aston Martin повторно ќе има со што да го привлекува вниманието на публиката. Vanquish Zagato Concept е петти автомобил кој произлегува од петдецениската соработка меѓу британската спортска марка и ценетата дизајнерска работилница од Милано. Во оваа соработка започната уште во 1960 година со DB4 GT Zagato, италијанските дизајнери го комбинираа својот препознатлив стилски печат, инспириран од мотоспортот, со самоуверениот британски дизајн на моделите на Aston Martin.

Каросеријата на Vanquish Zagato Concept целосно е изработена од карбон и оддава впечаток како да се состои од едно парче, благодарение на примената на големи каросериски панели и минималните зјаеви меѓу нив. Дизајнерскиот печат на Zagato се препознава јасно и во тркалезните задни светла, во коишто се наоѓаат светлечки диоди во стилот на тркачкиот Aston Martin Vulcan.

Zagato е кулминација на серијата дизанерски чуда по CC-100, One-77 и Vulcan

Aston Martin во последните години ги поттикнуваше дизајнерските гени во идентитетот на марката преку спектакуларните серии CC-100, One-77 и Aston Martin Vulcan. Последниов концепт во соработка со Zagato не може да се толкува поинаку освен како кулминација на серијата модели што ja истакнуваат целата традиција на Aston Martin.

Vanquish Zagato Concept го позајмува дизајнот на ретровизорите од One-77, додека скулптурираниот опаш е инспириран од DB11, заедно со активниот заден спојлер и големиот капак на багажникот. Впечатлив елемент се карбонските панели кои буквално го обвиткуваат прагот околу целото возило и се соединуваат во задниот дифузор со четири издувни цевки во него.

На преодот од крилата во вратите се жабрите во стил на DB11, кои првпат беа прикажани кај славеничкиот CC-100. За завршниот потег во динамичниот изглед се грижи средишниот раб по целата должина на каросеријата, со моќен преод во задните крила. Во покривот не смее да отсуствува традиционалниот „двоен меур“ на Zagato, кој продолжува и во формата на задното стакло. Овој препознатлив белег на италијанската куќа датира од 1950-те години, поради неопходноста да се обезбеди простор за шлемот во тркачките болиди од тој период, без нарушување на аеродинамиката на каросеријата.

Под хаубата работи атмосферски V12, со моќност зголемена на 600 КС и зафати во подвозјето што соодветно го следат порастот во моќноста. Во кабината владее духот на рачната изработка на Aston Martin, вклучувајќи примена на егзотични материјали и површински финиш, како анодизирана бронза и анилинска кожа на арматурната табла. Присуството на Zagato се огледува во препознатливото „Z“ во седиштата и вратите, исто како и во потпирачите за глава и во средишната конзола.

[FAG id=24379]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Мадридското такси доби 110 електрични возила Nissan Leaf

Jaguar F-Pace против BMW X4 на споредбен тест на Auto Bild