за

Aston Martin и Red Bull даваат крилја: AM-RB 001 е ултра-ултра-автомобил

Од соработката меѓу благородната марка Aston Martin и тимот во формула 1 на Red Bull произлезе овој AM-RB 001 кој не е ништо друго освен тркачки болид со сообраќајна дозвола.

Aston Martin и Red Bull го создаваат најрадикалниот автомобил во светот. Тоа што произлезе од соработката меѓу благородната британска марка и тимот во формула 1 на Red Bull поставува нови стандарди дури и меѓу најбрзите и најсилните тркачки болиди што смеат да се појават со регистерска табличка во редовен сообраќај.

Трите имиња што стојат зад Aston Martin AM-RB 001 се Адријан Њуи, актуелен главен техничар на Red Bull и досега еден од најдобрите конструктори на болидите за кралицата на мотоспортот, Марек Рајхман, најуспешен дизајнер во формула 1 и моментно главен креативец во Aston Martin, како и Дејвид Кинг, шеф на одделението за специјални преработки во Aston Martin. Кога станува збор за ваков фантастичен состав, уште однапред можеше да се очекува резултатот од соработката.

aston martin AM-RB 001 00003

Идејата беше да се создаде автомобил што ќе може да се користи во редовен сообраќај, но притоа ќе биде способен на тркачка патека да постигне брзини како ниту еден друг „цивилен“ автомобил. Секако дека ваквата основа нема да се пропушти да се изработи и специјална верзија од AM-RB 001, којашто ќе биде наменета само за тркачка патека – со перформанси на ниво на LMP1, со тркачките прототипи во највисоката класа на Леман.

Основата е карбонска школка, околу којашто е изведена каросерија со радикална аеродинамика и со досега недостигнато ниво на потисок, произведено преку аеродинамиката во подот на болидот. Изработката на AM-RB 001 ќе се одвива во погоните на Aston Martin во Гајдон, специјално приспособени за претходниот хиперавтомобил на марката, за One-77.

Атмосферски V12 вграден средишно и карбон до последен детал ќе се погрижат за сензационален тежински сооднос од 1:1 – секоја коњска сила од моторот ќе „носи“ по еден килограм од тежината на AM-RB 001

Од Aston Martin уште се скржави за деталните бројки што ќе посведочат за способностите, но и тоа што се наведува ќе предизвика одушевување кај познавачите: Тежинскиот сооднос ќе изнесува 1:1, што значи дека секоја коњска сила од моторот ќе има „работа“ само со еден килограм од тежината на автомобилот. Моторот е нов V12, атмосферски, што значи дека ќе ја извлекува моќта без помош од турбонатполнење, со концепт на високи вртежи и вграден средишно.

Иновации следат и во подвозјето, за истото да биде способно да ги подржи перформансите на AM-RB 001, според проект на Њуи и резултат на неговото триесетгодишно искуство во врвниот мотоспорт. Изненадувања ќе има и во транмисијата.

Двоседот во исто време ќе понуди и доволно комфор и простор за возачот и сопатникот, при компактни димензии на каросеријата и ултраниска тежина – и покрај големиот V12 пред задната оска.

Од AM-RB 001 ќе се изработат меѓу 99 и 150 примероци за „нормален“ сообраќај и уште 25 примероци од тркачката верзија, со испораки што ќе стартуваат од 2018 година.

[FAG id=25051]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Знаменосецот Skoda Superb може да биде и спортски

Ова се 50-те најпродавани автомобили во светот годинава