за

Aston Martin започна тестирања со техниката од Mercedes

На Aston Martin му претстои голема пресвртница. Сите нови модели во иднина ќе користат заедничка платформа со лесна конструкција, а поголемиот дел од техниката ќе потекнува од Mercedes.

Aston Martin е најголемата од сите британски марки со спортско педигре. Но, техниката со којашто располагаат нејзините ексклузивни модели веќе е застарена. Актуелната платформа со ознака VH потекнува уште од времето кога марката беше во сопственост на Ford и постојано се усовршуваше и модифицираше, но веќе дојде време кога повеќе нема простор за натамошна интервенција. Новата платформа, којашто ќе ги подржува сите актуелни и идни системи за асистенција и ќе понуди повисоко ниво на динамика и приспособливост за развој на повеќе модели од неа, потекнува од развојните одделенија на Mercedes. Кон крајот на минатата година Швабите откупија 5 проценти од акциите во британскиот специјалист за спортски автомобили.

Како што сега може да се види од фотографиите од тестирањето на прототипите кои како надворешна маска ја користат каросеријата од Vantage, идната платформа ќе биде значително поширока од постоечката, судејќи според големите проширувања на крилата на прототипот. Новата платформа со лесна конструкција и алуминиумската каросерија ќе се погрижат за намалување на тежината на идните модели. Од Mercedes ќе потекнуваат и напредните системи за асистенција и за безбедност, со коишто германската марка е меѓу предводниците во браншата.

Под хаубата ќе работи верзија од четирилитарскиот V8 битурбо од Mercedes GT. Дванаесетцилиндарецот и натаму ќе потекнува од Ford, на кого договорот за испорака му истекува дури во 2018 година. Прв модел со новата техника од Mercedes ќе биде наследникот на DB9 Vantage, чијашто премиера се очекува во 2016 година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Редок олдтајмер на Ferrari ќе се наддава за 2,5 милиони евра

Kia подготвува престижен спортски модел за 2016 година