за

Arteon е новиот знаменосец на Volkswagen на местото на CC

Наследникот на CC го пополнува местото на некогашниот знаменосец Phaeton и настапува како луксузна купе-лимузина. Првите скици што Volkswagen ги објавува од новиот Arteon најавуваат динамичен и прогресивен дизајн со највпечатливи промени во предниот дел од возилото. Каросеријата крие и едно изненадување, коешто е позајмено од една марка во концернот.

Три месеци пред светската премиера на салонот во Женева, Volkswagen го најавува наследникот на купе-лимузината CC, којшто повеќе ќе се издвојува од Passat и меѓу другото добива и ново име: Arteon. Купе-лимузината настапува со линија којашто ги побудува емоциите и во иднина ќе се позиционира како нов знаменосец на Volkswagen.

На првите скици се забележува дека нагласокот во дизајнот е поставен на хоризонталните линии, што е продолжение на актуелниот дизајнерски правец на марката. Ламелите во маската се слеваат во предните светла, кои и изгледаат доминантно и впечатливо со диодната светлосна техника.

Концептот Sport Coupe GTE го најави изгледот на идниот CC и новиот дизајнерски правец на Volkswagen
Концептот Sport Coupe GTE од салонот во Женева во 2015 година ги најави изгледот на идниот CC и новиот дизајнерски правец на Volkswagen

Иако при создавањето на силуетата на купе-лимузината е посветено најголемо внимание на стилот, практичноста не недостига. Страничните стакла без рамка го следат примерот од претходникот, во стил на гран-туризмо лимузините. Новитет е големиот заден капак којшто се отвора како кај комбилимузина, односно по пример на Skoda Superb, но и слично на Audi A5 и A7 Sportback.

Тобијас Зилман, дизајнерот на надворешната линија: „Со својот експресивен дизајн, Arteon побудува одушевување уште на прв поглед, за веднаш потоа да одушеви со практичните квалитети – ова е единствена комбинација!“

Деталите за техниката отсуствуваат, но сосема е извесно дека во понудата ќе се најде и плагин-хибридната техника од Passat GTE со продолжен досег, исто како и топ-изведба со дволитарски турбо, со погон на сите тркала и околу 300 КС.

Името Arteon асоцира на уметност (Art на аглиски) и на возвишеност (eon, слично како Phideon, знаменосецот на VW на кинескиот пазар). Премиерата на наследникот на Volkswagen CC ќе се одржи на салонот во Женева во почетокот на март, додека продажбата ќе стартува во лето.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Серијата 7 на BMW прогласена за најдобар шоферски автомобил за 2016 година

Dacia со комплетно освежена понуда за новата моделска година