за

Ariel Nomad: Изгледа како играчка, но е мошне сериозен теренец

Производителот на необичниот Ariel Atom креираше уште поекстровертен автомобил за на терен. Тоа што Atom го умее на асфалт, Nomad го прави во калта. И цената е интересна.

Иако изгледа како играчка и многумина би очекувале возилото да доаѓа со далечинско, новиот автомобил од Ariel со име Nomad се чини дека ќе поттикне создавање на комплетно нова класа на возила. Според неговиот производител, Nomad е еден вид суперавтомобил за секоја пригода и за секоја подлога.

Ariel Nomad користи 2,4-литарски бензинец од Honda, којшто обично се вградува во топ-верзиите на Honda Accord. По модифицирањето во Ariel, атмосферскиот мотор ослободува примерни 240 КС и 300 њутнметри, коишто преку шестстепен мануелен менувач се пренесуваат на задните тркала. Особено импресионира вредноста на вртежниот момент, којшто е на ниво на дволитарскиот мотор во Atom, којшто сепак користи турбонатполнење.

Најголемиот штос на Nomad е ниската тежина. Иако има огромни тркала, кафез за заштита при превртување, моќни амортизери и зајакнато подвозје за на терен, неговата тежина изнесува само 670 килограми. Спринтот до 60 милји на час (96 km/h) трае само 3,4 секунди, а крајната брзина во зависност од дотерувањето изнесува меѓу 200 и 220 километри на час.

Шефот Сајмон Саундерс очекува дека најголемиот дел од продажбата ќе отиде во приватни раце, Nomad е подготвен да се појави и на трки. Освен во класичниот рели спорт, можно е негово учество во рели-крос или во ауто-крос. Саундерс е убеден дека неговиот Nomad ќе успее и на релито Дакар, иако недостига погон на сите тркала.

Nomad е тестиран на разни тркачки патеки, вклучувајќи неколку од најтешките патеки во светскиот шампионат во рели, како и приватни поседи. Идејата на Ariel е необичниот теренски баги да го конфронтира со задачите што ги исполнуваат возилата со погон на сите тркала, користејќи ги како предност компактните димензии, големиот ветежен момент и ниската тежина, како компензација за отстуството на погон на сите тркала.

Исто како и 200 килограми полесниот Atom, новиот модел поседува цевна рамка и подвозје изведено со елеенти од Bilstein, Eibach и Öhlins. На тоа се надоврзуваат импресивни вредности на аглите на пристап и заминување од 71, односно 82 степени. Секое возило се изработува рачно, според желбите на нарачателот. Тука спаѓа избор на бандажи од 15 до 18 инчи, дополнителни рефлектори, стапалки, носачи за багаж или специјални издувни лонци. Испораката стартува в лето, а цената е исто така еден од највредните детали: 38.000 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вака најлесно се вади мотор од Golf

Детроит 2015: Светска премиера на Cross Coupe GTE