за

Apple Car: Автомобил или само софтвер за автономно возење?

Извесноста за автомобилот на гигантот Apple е сé помала. Според последните написи, производителот на iPhone се откажува од плановите за лансирање автомобил под логото на гризнатото јаболко и се префрлува на развој на софтвер за автономно возење. Но, изненадувања не се исклучени.

До крајот на следната година ќе биде решена судбината на плановите на Apple за сопствен развој на автомобил. Како што пишува „Блумберг“, електронскиот гигант во последно време е повеќе заинтересиран за развој на софтвер за автономно возење. Повеќе вработени експерти во меѓувреме го напуштија проектот. За тоа уште нема официјална потврда од Apple.

За влезот на Apple во автомобилската индустрија се зборува уште од почетокот на минатата година, иако концернот никогаш не се изјаснил официјално за тоа. Американските медиуми во септември објавија дека Apple започнал со тестирање на автономни возила, за потоа да следат написи за можното купување на McLaren. Британците тогаш одговорија најексплицитно дека преговори со Apple никогаш не се воделе. Вистинско изненадување беше кога Apple инвестираше милијарда долари во кинескиот пандан на алтернативното такси Uber, што од концернот го прокоментираа како стратешка инвестиција.

Неуспешни преговори со BMW и Daimler заради несогласувања околу правата за располагање со податоците од автономните автомобили

Се спомнуваше и соработка со BMW и со Daimler. Според германските медиуми, преговорите со премиум производителите завршиле неуспешно, затоа што партнерите не можеле да се договорат кој ќе има водечка улога во заедничкиот проект, како и околу заштитата на податоците од корисниците на автономната технологија.

Во меѓувреме, Apple го регистрираше првиот патент за возило. Патентот се однесува на спојка за меѓусебно поврзување на возилата. На скицата е прикажано возило што влече и возило што е влечено. Како што е опишано во патентот, преку спојката ќе се дистрибуираат струја, гориво, како и погонски течности за сопирачките и за клима уредот меѓу двете возила. Предното возило ќе го води возилото зад него преку хидраулични цилиндри. Замислата со ваквото спојување на двете возила е да се постигне мал радиус на вртење, како кај зглобните автобуси.

Патентираниот изум е доказ дека во Apple сепак се работи на развој на возило

Во развојот на управувањето учествуваше шведската фирма BAE, којашто е специјализирана за воени возила, па оттаму е разбирливо зошто возилата на патентот се движат со гасеници. Од патентот сепак не може да се заклучи какви планови има Apple, но тоа е барем потврда дека се работи на концепт на автомобил.

Една од најиздржаните теории е дека проектот што се води под името Titan се однесува на идејата повеќе автомобили на Apple да се спојат како воз, при што првиот автомобил ќе го одредува правецот на движење, или поточно, технологијата за автономно возење. На американските автопати честопати постојат специјални ленти коишто возила во таканаречен „carpool“ смеат да ја користат во случај на застој на патот. Автомобилот на Apple би имал право да ги користи овие ленти.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Nissan им нуди користен Leaf на струја на британските возачи

Електричниот теренец на Audi: E-tron ќе биде новиот quattro