за

Просечната старост на автомобилите ни достигна 19,1 години

субвенции закон за возила
субвенции закон за возила

Се случува едно важно поглавје, во коешто јавноста повеќе не признава друго освен вистина и бара разоткривање на лагите и подмамите. Автомобилизмот во Македонија подолго од една деценија паѓа стрмоглаво, во сите свои сфери. Сите регистри укажуваат на итни промени, меѓутоа постои и другата страна, којашто со донесувањето на новиот закон за возила покажа акутна некомпетентност да ги реализира неопходните промени во вистинската насока.

Македонија е пред влезот во втората декада на автомобилски анахронизам и анархија, откако државата во 2010 година доживеа повеќе од педесет илјади користени автомобили да возат по нејзините патишта со бугарски регистерски таблици. Сé што се случува оттогаш, во сите сфери што ги допира автомобилизмот, почнувајќи од загадувањето на воздухот, зголемениот број на сообраќајни незгоди, метежот, насилството по улиците, обезвреднувањето на матичните користени возила, купени во Македонија, сето тоа се поврзува директно и неоспорно со тој момент што беше срамен чин за една суверена територија.

Во светот многу работи се сменија оттогаш. Бројни градови воведоа забрана за возила со дизел мотор, уште поголем е бројот на градови што го најавуваат тоа. Субвенционирањето на возилата со ниска или нулта емисија на штетни материи се покажа делотворно во поглед на поттикнувањето на интересот на купувачите и државите продолжуваат да издвојуваат масивни средства за обновата на возниот парк. Паралелно слабее идејата за користење сопствено возило во градските средини и масовно се шири концептот на таканаречениот car-sharing. Се појавува и ride-sharing, индивидуалната мобилност се префрлува на е-скутери. Генерално, светот научи да размислува поинаку и да ја цени одржливоста на животната средина.

Можно ли е нашите власти да не се свесни дека ЕУ прави прекршок, со тоа што возила со нулта вредност, наменети за топење, ги пренасочува по сиви канали до маргините на Унијата, за потоа исто толку сиви структури да заработуваат од продажбата на возилата, за коишто на претходните сопственици им биле исплатени субвенции?

Место да заследи барем еден пример од тоа, државава во 2019 година, значи непосредно пред влезот во следната декада, широкоградо се подготвува да го собере и последниот автомобилски отпад од ЕУ. Кусо, тоа што европските возачки и возачи го отфрлија, место да заврши во топилница, ќе го собереме тука. Со последните измени во законот за возила се предвидува субвенционирање на увозот на користени автомобили.

Доколку воопшто се бара некаква јавна придобивка од скандалите со Коки, Куку и слични Каки, тоа е конечното колективно освестување. Лагите и измамите повеќе нема да се премолчуваат толку наивно, јавноста сака да ја чуе и конечно умее да ја препознае вистината. Во тој контекст, прашањето: Што останува доколку не постоеше увозот на користени возила?

Зошто никој не може да ги види евтините возила на автоплацевите, туку место тоа гледа тешки мерцедеси, моќни бемвиња и полициски интересни ровери?

Долги години, под заштитниот вел на социјалниот фактор, во државата се увезуваат користени возила од луксузни марки и од високи класи, стари, премногу сложени и премногу скапи за одржување, па оттаму и во технички лоша состојба, а особено во поглед на исправноста и воопшто постоењето на систем за пречистување на издувните материи. Социјалниот фактор послужи само како параван. Тоа е вистината, којашто по „само“ десет години, средината почнува да ја препознава. Дозволувањето да се возат „евтини скапи“ возила, се потврди како популистичка мерка, а таквите мерки обично имаат лажна основа.

Автомобилите од нормалните класи и од големоволуменските марки не им се интересни на дилерите на користени возила. Тие автомобили задржуваат многу повеќе од вредноста, по европските плацеви сé уште постои интерес за нив, па соодветно на тоа е премногу мала заработката за нашите дилери со користени возила. Место тоа, плацевите кои денес веројатно покриваат поголема површина, отколку обработуваните ниви, преполни се со автомобили со дебело хромирани маски, кои се купуваат евтино во Европа, а се продаваат скапо во Македонија.

Од тоа што властите го ветуваат со последните измени во законот за возила, нема да се случи обновување на возниот парк, подобрувањето на безбедноста, намалување на аерозагаденоста, исто како што тоа не се случи ниту досега. Што друго да се очекува кога истите медиокритети постојано решаваат околу автомобилизмот, исто како и во 2010 година?

Дали субвенционирањето на користените возила навистина излегува во пресрет на граѓаните или е само пријателска помош за автоплацевите натрупани со коли што повеќе никој не ги сака?

Можно сценарио околу идејата да се субвенционира увозот на користени возила: На автоплацевите со месеци мируваат илјадници лимузини и СУВ, кои повеќе не може да се продадат – во меѓувреме, на германскиот пазар може за многу поевтино да се купат истите модели, веројатно и во подобра состојба, затоа што нивната вредност постојано опаѓа. Германија воведува забрани за старите дизели, вредноста им паѓа вртоглаво. Затоа е поевтино ако индивидуално се направи актуелен увоз, директно од германските плацеви. Толку од бизнис-вештината по нашите автоплацеви.

Субвенциите – во нашето сценарио – се резервирани за пријателските дилери на стари коли, кои со трите илјади евра државна помош ќе можат поевтино и пореално да ги продадат автомобилите во коишто им е заглавен сиот бизнис. Купувачите – пак според сценариото – пак нема да искористат ништо. Друго прашање е што ќе се случува со старите автомобили кои ќе се предадат во отпад. Дали тие понатаму ќе се продаваат на делови, пак од страна на пријателски авто-отпади, со соодветна финансиска корист, секако.

Нашите воведи на оваа тема секогаш се долги и обемни, суштината е следнава. Со комплетна анализа и статистичка разработка, ги прикажуваме ефектите од актуелната автомобилска политика.

Возниот парк во земјава се зголемил за 38 проценти во периодот од 2003 година наваму

Од 25.000 автомобили стари најмногу 2 години во 2008 годиниа, кога во земјата се продаваат близу 18.000 нови возила, нивниот удел се смалува петпати во 2014 година, само четири години по увозот на возила со „Еуро 0“

Во 2012 година уште се забележува ефектот од солидната продажба на нови автомобили до 2010 година и тие учествуваат со 9,3 проценти во вкупниот возен парк. Денес, оваа категорија на возила што е срцето на секој здрав пазар на користени автомобили, спадната е на одвај три проценти. Тоа укажува на дилетантноста при донесувањето на „автомобилските закони“

Масата „матични“ возила, првпат регистрирани во Македонија, продолжува да се забележува во статистиката на возила стари до 10 години. Меѓутоа, факт е дека во 2018 година речиси двојно е зголемен бројот на возила стари меѓу 5 и 10 години, во споредба со периодот 2009-2011 година.

https://datawrapper.dwcdn.net/TLbXY/1/

Тоа е катастрофалниот ефект од отсуството на соодветни, а тоа значи интелигентно стокмени автомобилски закони. Четири од пет автомобили се постари од 10 година. Тоа значи дека може да бидат стари и по 30 години. Во 2007 година, двапати помалку возила постари од десет години сообраќале по македонските патишта, отколку во 2018 година.

Тоа е пример за поразителна статистика

Доколку воопшто има птореба од заклучок. На македонските возачки и возачи им се потребни нормални користени автомобили, во класата на голф, со чиста емисија, во добра техничка состојба место во прединфарктна состојба, коишто и по неколку години ќе можат да се продадат понатаму како користени возила, место да се фрлаат по отпад. Субвенционирањето е потребно токму за тие возила. Со оваа спасителна мерка, може во дел да се поттикне и продажбата на новите градските автомобили, токму во класата до 12.000 евра, кои некогаш ја сочинуваа нашпата улична слика. Големите лимузини по автоплацевите, што се купени евтино и се продаваат со заработка од по две до три илјади евра, чијашто најголема функционалност е парадирање и третирање фрустрации, нека останат каде што се. Македонија научи реално да го согледува тоа што се сервира под лажен превез.

Редакцијата на Аутомедиа ќе продолжи со статистички разработки кои укажуват на натамошните сфери во коишто е вложена состојбата, поради самоволниот и дилетантски увоз на користени возила.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Штутгарт воведува темпо 40 за почист воздух во градот

Штутгарт воведува темпо 40 за почист воздух во градот

трка со соларни автомобили австралија

Сонцето е нивниот мотор: 53 тимови за соларната трка во Австралија