за

AMG GLC 43 е следниот модел со шестцилиндарската ѕвезда на Mercedes

Актуелната ѕвезда меѓу моторите на Mercedes го освои и моделот GLC. Новиот шестцилиндарски мотор пристига во теренецот и со 367 КС му обезбедува членство во моделската фамилија AMG.

Новиот Mercedes GLC досега мораше да се снаоѓа во силната конкуренција само со четирицилиндарски мотори. Затоа, теренецот на база на класата C сега надоместува двојно и со 367 КС од трилитарскиот V6 му објавува војна на неодамна претставениот BMW X4 M40i. Овој мотор со битурбо натполнење е актуелна ѕвезда во моделската понуда на Mercedes и веќе се вградува во класите C, E, SL и SLK. Дополнително наоружен со беџот и војничките бои на Mercedes-AMG, најспортскиот модел во гамата на GLC спринтува до сто за 4,9 секунди, а електрониката му ја задржува крајната брзина на 250 километри на час.

mercedes-amg glc 43 4matic (4)За спортските возни својства, покрај нагласокот во распределбата на вртежниот момент од 520 њутнметри на задната оска, се грижат приспособлива пневматска амортизација, посебно развиена предна оска со проеменлив преносен однос во управувањето и поголеми сопирачки дискови изработени од композит. Возачот може да избира меѓу пет различни програми со коишто се регулира работата на подвозјето, моторот, менувачот и контролата на стабилноста.

Вообичаено за моделите од семејството „43“ на Mercedes-AMG GLC 43 4Matic се држи умерено во манифестирањето на својата моќ. На стандардниот спортски пакет AMG му се придружуваат дијамантска маска, модифицирани браници и бандажи од 19 инчи. Продажбата на GLC 43 4Matic стартува во јуни.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

350.000 фунти за место за паркирање во Лондон

Пат околу светот со Ford стар 100 години