за

AMC Gremlin или 50 години откако Америка учеше да вози штедливи коли

AMC Gremlin или 50 години откако Америка учеше да вози штедливи коли
AMC Gremlin или 50 години откако Америка учеше да вози штедливи коли

Американските автомобили растеа и натежнуваа од хром, сé додека не настапи нафтената криза во почетокот на 1970-те години. Возачите преоѓаа на европски и јапонски модели, кои беа многу поштедливи. За одбрана од „нападот“, домашните компании се впуштија во сосем ново подрачје за нив. AMG Gremlin е еден од ретките успешни модели од домашна продукција во тоа време.

Автомобилскиот свет доживеа големи промени во 1970-те години, особено во Соединетите Американски Држави. Таму со децении се возеа големи и тешки автомобили, без грижа околу потрошувачката на гориво, односно цената на горивото. Тоа се смени во почетокот на 1970-те години. Јапонските и германските автомобили почнаа да го привлекуваат вниманието на Американците, со своите релативно малечки, штедливи и издржливи автомобили. Нивното пазарно присуство почна да се чувствува сé повеќе, а во салоните на американските марки имаше сé помалку купувачи.

Американците решија да стават крај на тој тренд и развија неколку модели, со коишто домашната автоиндустрија требаше да се одбрани од конкуренцијата од странство. Тоа не беше едноставно, затоа што новите американски модели требаше да бидат во чиста спротивност со традицијата и со имиџот на автомобилите од домашните марки. Публиката ги исмеваше повеќето од тие модели, додека автомобилите како Volkswagen Beetle и Toyota Corolla освојуваа сé поголем дел од пазарот.

Повеќето домашни обиди да им се парира на европските и јапонските модели завршија неуспешно, додека AMC Gremlin дури и постигна впечатлив успех

Големите имиња во автомобилската бранша, General Motors, Ford и Chrysler, се соочуваа со големи проблеми да развијат модели што ќе им парираат на Beetle и Corolla. Но, една мала компанија успеа. AMC го конструираше автомобилот со моделско име Gremlin. Необичното име одговараше со необичниот изглед. Од април 1970 до крајот на 1978 година, моделот се покажа како одличен успех, со повеќе од 670.000 продадени примероци.

За успехот на AMC Gremlin помогнаа повеќе фактори. Секако дека тоа што имаше најголемо влијание беше нафтената криза од 1973 година. Релативно штедливиот Gremlin стана привлечен за возачите, поради недостигот од гориво на станиците. Вториот фактор беше патриотизмот. Иако автомобилите од увозните марки штедеа повеќе, Gremlin беше американски производ.

Американците сепак веруваа повеќе во 3,3-литарскиот V6 што се вградуваше во основната изведба на моделот, отколку во малечките четирицилиндарци во автомобилите од увоз. Но, и цената на автомобилот беше сензација. Според денешни стандарди, необичниот американски модел би чинел меѓу 11 и 12 илјади евра.

AMC подоцна објави банкрот, а Америка во меѓувреме почна да им се враќа на своите традиционални автомобили. Моделите како AMC Gremlin, вклучувајќи го и легендарниот Pacer, повеќе не беа интересни.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Бернхард Мајер - Шефот на Skoda „Ќе има време и по вирусот корона“

Шефот на Skoda: „Ќе има време и по вирусот корона“

toyota gr corolla

Toyota подготвува GR-верзија од Corolla, може да се очекуваат 300 КС