за

Alpine A110: Автомобилот што (ниту) Renault не ќе го направеше подобро

Renault ја враќа во живот легендарната марка Alpine со новото издание на A 110. Спортските изведби од Clio и Megane не го постигнаа посакуваниот ефект во продажбата и во имиџот на марката во изминативе години. Тоа може да се смени откако ново-старата марка Alpine пристига со задача да го застапува спортскиот имиџ на Французите.

Renault со години го подготвуваше враќањето на Alpine A 110 во нов живот. Сега на салонот во Женева се појавува сериското издание на ова спортско купе што целосно е склопено од алуминиум и разбирливо е што претставува една од главните атракции на собирот на браншата покрај езерото Леман. Нема сомнежи дека новиот A 110 е способен да го наследи својот легендарен претходник, покрај моќноста од 252 КС од централно вградениот мотор со турбонатполнење и тежината од одвај нешто повеќе од еден тон.

Alpine A110 00002

Имиџот на Renault во мотоспортот е беспрекорен, со долгогодишно присуство во кралицата на мотоспортот, како и во бројни тркачки серии, но марката долго време не успеваше овие гени да ги преточи во посебен спортски модел. Навиените верзии на Clio и Megane го привлекуваа вниманието и заслужија почит, но остана само на тоа. Нешто слично како со сега веќе згаснатата Lancia, чиешто име некогаш беше синоним за рели спортот. Со враќањето на Alpine под покривот на Renault, работите ќе се сменат.

Alpine A110 00010

Има причина Французите да бидат горди на својата „нова“ марка. Кога дилерот и тркач Жан Редел во 1955 година го претстави Alpine A106 на салонот во Париз, никој не насетуваше дека тоа го означува раѓањето на една од најславните спортски марки автомобили од француско потекло во поново време. Пасионираниот тркач Редел го избра името Alpine во чест на освојувањето на алпскиот куп една година пред да ја основа фирмата.

Alpine A110 00007

Долги години овој талентиран конструктор на автомобили експериментираше со лесни материјали, за на крајот да изработи прекрасен, но и подеднакво брз спортски автомобил со каросерија од фиберглас. Најголемиот дел од техниката потекнуваше од тогашниот Renault 4CV. Во првата година по салонската премиера, Alpine A106 победи на легендарната Миле Миља. Тоа беше само почеток.

Alpine A110 00003

Во 1962 година се појави наследникот A110 Berlinette, којшто постигнуваше уште поубедливи победи на тркачките патеки. Потоа следеше Renault Alpine A310, кого многумина го сметаа за француски Porsche. Оваа спортска легенда до денешен ден ги одушевува ентузијастите со футуристичкиот дизајн и со врвните перформанси.

Alpine A110 00006

Renault уште од почетокот ја потпомагаше спортската марка, но дури во 1973 година ја стави Alpine под сопствениот покрив, со преземањето на главнината од акциите во малата фирма од Бретања. Пет години подоцна, Alpine се најде под целосна сопственост на Renault. Култниот статус на француската спортска марка доживеа кулминација кога Renault-Alpine A442B победи на 24 Часа Леман. За галскиот тркач не беа проблем ниту рели-патеките, триумфите се редеа во низа.

Alpine A110 00009

Но, проблемот настана откако Renault целосно го презеде кормилото на малата мануфактура и стави крај на рачната изработка на возилата. Следните генерации, меѓу кои и Alpine V6 Turbo, повеќе не ја поседуваа спортската харизма на претходниците и беа развиени исклучиво за обичниот асфалт.

Alpine A110 00008

Откако тоа почна да се одразува негативно врз продажбата, Renault во 1991 година се обиде повторно да го коригира курсот и ја пушти спортската марка да настапува само под сопственото име, по што следеше радикалниот Alpine A610 Turbo. Верно на традицијата на марката, овој чистокрвен суперспортист располагаше со средишно вграден мотор со 250 КС, но и со технологија којашто беше далеку пред конкуренцијата. Цената, исто така. Заедно со стилот на каросеријата, којшто премногу беше настроен кон американскиот пазар и не го оддаваше духот на марката, тоа беа главните причини за пазарниот неуспех на моделот. По 40 години, Renault ја прекина традицијата на спортската марка од Диепе.

Сонот за француски тркач којшто ќе ја брани честа на Големата Нација по лентата за престигнување сепак продолжи. Следеа многубројни обиди и гласни најави за повторно заживување на марката, но сите беа безуспешни. Постоеја големи изгледи тогашниот шеф Патрик Блен да ја врати Alpine во 2010 година, но кризата ги згасна и последните надежи. За среќа, Renault брзо се опорави и во 2012 година најави соработка со англискиот Caterham. Повторно без успех, затоа што замислите на Англичаните и на Французите за новиот Alpine се разликуваа премногу. Тогаш се пројавија и гласини дека Англичаните ја прекинале соработката поради постојаното одолговлекување на стартот на проектот од нивните партнери од другата страна на „каналот“.

Alpine A110 00004

По 22 години од последниот Alpine, марката премиерно го претстави новиот A110. Продажбата официјално стартува кон крајот на годинава. Моќноста од 250 КС можеби не изгледа толку убедливо, дури и покрај Megane RS 275, но затоа болидот се докажува со забрзувањето за 4,5 секунди до темпо 100 и со електронски лимитираната крајна брзина од 250 километри на час. Школката и подвозјето целосно се изработени од алуминиум, со структурни компоненти коишто се спојувани со лепење, заварување или класично со заковки, како спој на традиционалното и ултрамодерното. Како што доликува на марката, моторот е вграден средишно, погонот е назад. Преносот на сила од 1,8-литарскиот мотор со турбонатполнење се врши преку седумстепен менувач со двојна спојка. Првата серија во изработена во 1955 примероци е веќе целосно распродадена. Цената: 58.500 евра.

Технички податоци · Alpine A110
Мотор 4 цилиндри, 1,8 литар, вграден средишно, 252 КС при 6000/min, вртежен момент 320 Nm Погон и пренос Погон на задна оска, седумстепен менувач со двојна спојка Getrag Подвозје По две триаголни водилки напред и назад, сопирачки дискови 320 mm напред и назад, пневматици 205/40 R18 напред, 235/40 R18 назад Димензии 4178 х 1798 х 1252 mm, меѓуоскино растојание 2419 mm, ширина на трага напред 1556, назад 1553 mm, багажник напред 100 L, назад 96 L Тежина 1103 kg, распределба на тежина 44:56% Перформанси Крајна брзина лимитирана на 250 km/h, забрзување 0-100 km/h за 4,5 s Потрошувачка 6,2 L/100 km, резервоар 45 L, вграден зад предната оска Цена во Франција за Premiere Edition 58.500 евра

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Време е за пролетно освежување на автомобилот

Alpina направи „UberBMW“ од серијата 5