139
19 shares, 139 points

Секој сонува за викендичка покрај езеро или високо во планина, далеку од урбаниот метеж. Adria произведе луксузна приколка што може да се постави секаде, по желба и моментно расположение. Со тоа што го нуди Astella, прашање е дали тоа сé уште е приколка или веќе е малечок дом на тркала?

Словечкиот производител Adria се вбројува меѓу најценетите марки на приколки и возила за кампување. Тоа секому станува јасно по револуционерната приколка Astella, којашто во многу работи отстапува од класичното конструирање и изведување на приколки за кампување. Тоа што го осмисли тимот на шефицата на проектот Ерна Повх повеќе може да се нарече дом, отколку приколка за кампување. Најверно би било Adria Astella да се оцени како луксузна викендичка.

Дека станува збор за луксузен производ станува јасно кога ќе се забележат огромните панорамски врати и прозорци, со исти димензии како дома, со таа разлика што тука низ нив се добива глетка точно по желба. Купатилото е изведено во стил на спа-центар, кујната исто така следи некој стил, во дневниот простор се наоѓа вистинска софа, а мајсторијата се потврдува со добрата организација на просторот. Техниката вклучува диодно осветлување, блутут врски, УСБ-приклучоци, далечинско ракување, прединсталација за климатизација и греење.

 

Adria нуди три изведби од Astella: 704 HP, 754 DP и 904 HP. Првата е долга 7,6 метри (без влечната руда), располага со посебна спална соба и софа на извлекување во дневниот простор, греењето е стандард. Втората изведба има различно организиран простор и замислена е за семеен престој, со посебна спална соба и со софа што е поместена напред и таму се извлекува во двоен лежај. Оваа изведба е долга 8.090 милиметри, со простор за најмногу 4 лица.

Врвната изведба Astella 904 HP е долга 9.538 милиметри (10.922 mm со влечна руда) и го нуди сиот замислив просторен и функционален луксуз, со лежаи за најмногу 6 лица, вклучувајќи го двокатниот лежај во средината на приколката.

Како врвен производител, Adria нуди и посебно развиена апликација Mach (Mobile Artificial Intelligence Comunication), којашто го претвора телефонот во далечински управувач за светлото, греењето, ладењето, батеријата, водата, гасот, ладилникот, а воедно нуди и наменска навигација (сепак мора да се земе предвид дека се влече приколка подолга од 10 метри).

На списокот на опции се наоѓаат стреа Thule долга 6,0 метри, микробранова печка, клима Aventa од 2,4 kW, па и алу-бандажи. Цената на луксузните приколки од серијата Astella исто така е на ниво на пристоен стан.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

139
19 shares, 139 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *