за

75 години од првиот дизел на Peugeot

Моделот Peugeot 402 беше впечатлив по многу работи: Авангарден изглед, кабриолет со покрив задвижуван од електромотор, но и прв модел во кого што Французите вградија дизелски мотор.

Под хаубата на 402 работеше сопствен мотор на Peugeot со моќност од 55 КС и зафатнина од 2,3 литри. Потрошувачката на гориво беше за 40 проценти пониска отколку кај моделите со бензински мотор. Избувнувањето на втората светска војна спречи моделот да влезе во сериско производство. И покрај тоа, до 1940 година се произведоа околу 1.000 примероци од моделот 402 со таканаречен мотор на тешко масло, кои се користеа првенствено како такси.

403Пионерската улога на прв француски дизел од големосериско производство му припаѓа на Peugeot 403 од 1959 година. Неговиот мотор од 1,8 литар имаше глава од алуминиум, што претставуваше голем напредок за тоа време. Дизелот се произведуваше во новата фабрика во Лил. Уште во првата година од продажбата, 403 Diesel стана најпопуларно такси во Париз, а комби изведбите со дизелскиот мотор прераснаа во тренд.

Историјата на дизелскиот мотор кај марката со лавот сепак се навраќа во 1921 година. Во тој период Peugeot го тестираше моторот на тешко масло развиен од инженерското биро Tartrais. Една година подоцна двотактниот дизел со два цилиндра и 18 КС беше вграден успешно во Peugeot 156. До 1926 година се произведоа само 100 примероци од моторот. Серискиот старт на дизелските мотори се случи кај доставните возила на Peugeot.

Во 1927 година марката со лавот откупи лиценца од Hugo Junkers за производство на двотактен мотор со шест цилиндри, кој беше наменет првенствено за тешките камиони. Затоа, на салонот во Париз во 1936 година дебитираше помалиот четиритактен мотор од 2,3 литри, што Peugeot го разви за сериско вградување во моделите од гамата на 402.

Првиот модел што достигна милионска продажба беше 404, меѓу другото и поради тоа што дизелскиот мотор наиде на голема популарност кај купувачите. Вистинска сензација беше Peugeot 404 Diesel Record од 1965 година. Овој едносед постави 40 брзински рекорди на патеката Монтери во близина на Париз. Прототипот совлада 11.000 километри со просечна брзина од 161 km/h, што беше незамислива вредност за тоа време.

Две години подоцна се појави Peugeot 204 Break, како најмал автомобил со дизелски мотор во светот. Конечната победа на дизелот во класата на малечките автомобили ја одбележаа Peugeot 305 и 205. Првиот модел од 1978 година се одликуваше со тивок и смирен дизел, кој според тогашните норми трошеше 4,6 литри гориво. По него следуваше 205 од 1983 година, како прв дизелски автомобил од класата со постигната милионска продажба.

Дизелскиот мотор доживеа премиера во луксузната класа со Peugeot 604 TD од 1979 година. Историски момент претставува и воведувањето на Peugeot 406 HDi со дизел со технологија common-rail. Владеењето со дизелскиот мотор Peugeot го докажа со 3008 Hybrid4, како прв хибрид од големосериско производство со дизелски мотор.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia Carens: Класата на вановите е следна за освојување

Новиот Honda Jazz стартува со врвна штедливост