за

605 КС за брзите семејни транспортери на Audi

Брзите семејни транспортери на Audi добиваат уште поголема моќност за новото моделско годиште. Audi RS 6 Avant и RS 7 Sportback, со додавката Performance што укажува на зголемената моќ, располагаат со 605 КС.

Audi обезбеди уште поголема моќност за спортските модели RS 6 Avant и RS 7 Sportback. Овие модели, со дополнителната ознака Performance, со нивниот четирилитарски TFSI располагаат со 605 КС и вртежен момент од 750 њутнметри. Забрзувањето од 3,7 секунди до сто е на рамниште со суперспортските купеа. За забрзување од место до 200 километри на час се потребни само 12,1 секунда, што е 1,4 секунда помалку отколку стандардните модели RS. Со доплата се достапен пакети за динамика, со кои што се отстранува џентлменското ограничување на крајната брзина на 250 km/h и цивилните болиди тогаш можат да продолжат до 280, односно 305 km/h.

И покрај дополнителните 45 КС во моќноста, осумцилиндарецот со битурбо натполнење троши исто колку стандардниот V8, со просек од 9,6 l/100 km, односно 9,5 l/100 km. Погонот на сите тркала quattro секогаш е стандард, исто како и осумстепениот автоматски менувач. Возачот може да избере стандарден модус D или спортски модус S, да ракува со менувачот преку тип-функцијата или преку рачките зад воланот. Комбито и купе-лимузината располагаат стандардно со пневматска амортизација RS, со динамичен сетап, со којшто каросеријата се спушта за 20 милиметри.

Audi RS 6 Avant Performance на германскиот пазар чини 117.000 евра, додека за RS 7 Sportback Performance се потребни 121.700 евра. Обата модела стартуваат со продажба веќе во ноември.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Над 3.000 купувачи на Porsche преземаат директно од фабрика

Mercedes отсега им продава и комбиња на Американците