за

600 коњски сили за 50-годишнината на BMW Alpina

Ексклузивните серии на BMW Alpina се распродаваат за миг. Лимузината B5 и купето B6 го одбележувааат јубилејот на тјунерот

За фирма што се занимава со тјунирање на автомобили не постои друг начин за одбележување на историскиот момент освен со јубилеен модел со уште поекстремно тјунирање.

Моделите на Alpina никогаш немале проблем со недостиг на коњски сили. Напротив, во оваа тјунерска куќа со славно име отсекогаш се добивала екстра моќност, и тоа уште од средината на 1960-те, кога основачот Буркард Бовензипен вгради модифициран карбуратор во BMW 1800 и на тој начин ја зголеми моќноста од 80 на 90 КС. Историјата понатаму е позната. Возачите што сакаат автомобилот да биде повеќе BMW од BMW, веќе половина век се обраќаат во Alpina, кадешто трите колена Бовензипен прават автомобилите да бидат уште поексклузивни и многу побрзи. Во специјалната јубилејна серија врз основа на Alpina B5, којашто со 540 КС е далеку од слаба, не се работи само за ексклузивна опрема, туку се добива повеќе и во погонот.

60 коњски сили дополнително во ексклузивната серија 50 Edition

Моторот V8 со двојно турбонатполнење и зафатнина од 4,4 литри по преработката завршува со 600 КС и спектакуларен вртежен момент од 800 њутнметри, коишто се сервираат при 3.500 вртежи. Со дополнителни 60 КС наспроти „стандардниот“ B5, јубилејниот модел спринтува до сто за 4,2 секунди, а крајната брзина од 328 километри на час е многу повисока од таа што во матичниот BMW им ја дозволуваат на купувачите на M5, којшто во јубилејниот модел за 30-годишнината исто така ослободува 600 КС. Разликата меѓу обата модела е во тоа што верзијата на Alpina ја ослободува моќноста многу помеко и посуптилно. Соодветно на зголемената моќност се вградуваат и помасивни сопирачки, задолжително со клешти лакирани во сината боја на Alpina.

 

BMW Alpina B5 Edition 50 ја ослободува моќта од 600 КС посуптилно од BMW M5
BMW Alpina B5 Edition 50 ја ослободува моќта од 600 КС посуптилно од BMW M5

Единственото што може да недостига е погон на сите тркала, иако тјунерот се погрижил за брахијалната моќ да се пренесе во полна мера на асфалтот преку гуми со димензија 255/35 напред и 295/30 назад, на бандажи од 20 инчи и во комбинација со механичка блокада на диференцијалот. Кој сака, сепак може погонот со варијабилна распределба на вртежниот момент меѓу оските да го добие во другите модели на Alpina.

Дотерувањето на подвозјето е следната специјалност на куќата од Бухлe. Подвозјето поседува активен систем за спречување на клатењето на каросеријата при забрзување и сопирање како стандард, а возачот дополнително има можност да избира меѓу неколку модуси на подвозјето, во широк дијапазон од комфорно до екстремно спортско возење. Сервоуправувањето исто така е преработено, со цел да се постигне баланс меѓу спортска нота во свијоци и комфор при управување на автопат. Осумстепениот автоматик од ZF е изведен во комбинација со Switchtronic, со команди на воланот. Сето време во заднина ќе се слуша сонорниот звук на четирикратниот издувен систем од специјалистот за тркачки издуви Akrapovic, којшто изведува особено гласна музика кога подвозјето е во програмите Спорт или Спорт Плус, а дополнително е и полесен за 17 килограми.

Внатрешност во стил на B7 Turbo S од 1981 година

Внатрешноста во Alpina B5 Bi-Turbo Edition 50 е дополнително облагородена во споредба со веќе благородниот ентериер на B5. Целата табла е обложена со кожа, а средината на седиштата е превлечена со кожа во зелена боја и каро дезен во црно-зелена комбинација. Овој стил е избран со цел да асоцира на BMW Alpina B7 Turbo S Limited Edition, којашто во 1981 година предизвика вистинска сензација со своите 330 КС и ексклузивната преработка од тјунерот од швабскиот Алгој.

Суперавтомобилот за семејството, со крајна брзина од преку 300 километри на час и багажник со зафатнина од 520 литри чини 114.000 евра во основната верзија. Единствен проблем покрај обезбедувањето на потребната сума може да биде фактот што серијата од ексклузивниот модел е речиси распродадена, исто како и на купе-братот B6 Edition 50.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Како да го подготвите автомобилот за летниот одмор

Спот на Mercedes за автономното возење: Baby you can drive my car