Повеќе од 25 години, Peugeot 403 Cabriolet се појавуваше на екраните како службен автомобил на популарниот инспектор Колумбо. Тоа е само уште еден доказ за исклучителната издржливост на овој автомобил на Французите, што во комбинација со стилската каросерија му даде бесмртност на кабриолетот.
Францускиот кабриолет од средната класа е еден од моделите што на најдобар начин ја прикажуваат елеганцијата на автомобилите од раната „понтонска“ ера, како што се нарекува времето кога автомобилите ја добија класичната триделна форма. Одушевеноста што Peugeot 403 Cabriolet ја предизвика кај публиката и медиумите не беше случајна. Дизајнот произлезе од соработката меѓу сопствените креативци на Peugeot и дизајнерското студио Pininfarina. Со голем платнен покрив или со цврст покрив како опција, кога 403 Cabriolet стартуваше со производство во летото 1956 година, многумина сметаа дека тој е пред своето време. Четириседот беше меѓу првите што овозможи уживање на свеж воздух во автомобил од средната класа, со самоносечката триделна каросерија.
За пристапот до задната клупа се користеше посебен трик. Предните седишта лесно се поместуваа нанапред, но и се завртуваа странично заради повеќе место за пристап. Комфорот уште тогаш беше својствен за француските модели, а за таа цел Peugeot нудеше како опција и електромагнетска спојка од Jaeger. Американците исто така се одушевуаа од ексклузивната форма на кабриолетот, па Peugeot 403 Cabriolet се појави и во популарната серија за инспектор Колумбо.
Вечна дизајнерска икона и холивудска легенда
Лимузината Peugeot 403 беше прв модел на француската марка што надмина продажба од еден милион примероци, но кабриолетот беше тој направи оваа моделска серија да остави траен белег во историјата. Заводливиот кабриолет сепак остана достапен само за малкумина, со само 2.050 примероци произведени во фабриката во Ла Гарен меѓу 1956 и 1961 година.
Покрај изгледот, автомобилот се одликуваше и со мошне висок квалитет. Статистиките на дефекти ја потврдуваа издржливоста на серијата 403, а исто така и високите цени на пазарот на користени возила. Како тогашен најголем и најскап модел на Peugeot, 403 Cabriolet уште од старт стекна статус на автомобил за обожуватели. Изненадувачки голем беше интересот на пазарот во Северна Америка, кој во 1950-те години беше најголем пазар за премиум возила во светот. За испорака на моделот се чекаше со месеци.
Еден од седумте „најдобро изработени автомобили во светот“
Спојот на елегантен француски стил на живот и натпросечна издржливост му обезбеди на Peugeot 403 Cabriolet кариера на холивудска филмска ѕвезда. Врвот на оваа кариера беше достигнат дури по седум години од завршетокот со производството на гламурозниот автомобил со платнен покрив. Во 1968 година, американскиот тв-детектив Колумбо ги започна своите истраги меѓу богатите и убавите во Холивуд во совршено сочуван и секогаш подготвен 403 Сabriolet. Крими-серијата се емитуваше над 25 години.
Со тоа, филмскиот автомобил го потврди признанието на американските експерти кои Peugeot 403 уште во 1950-те години го прогласија за еден од седумте „најдобро изработени автомобили во светот“. Бројни посетители на филмското студио „Универзал“ денес со задоволство го препознаваат неуништливиот кабриолет на Колумбо, кој според филмската скрипта имаше изминато над 100.000 милји, односно 160.000 километри.
Од престижен модел до колекционерски примерок
Колекционерите денес најмногу се интересираат за топ-верзијата Grand Luxe на кабриолетот од 4,47 метри, со грижливо изработени детали во кабината коишто оддаваат дух на премиум возило. Под хаубата работеше 1,5-литарски четирицилиндарец со 58 КС. Цената на топ-моделот достигнуваше 70 проценти над цената на лимузината Peugeot 403, но моделот и покрај тоа беше поевтин од конкурентите.
Од 1959 година, Peugeot понуди цврст пластичен покрив како опција, за купувачите што сакаа да се заштитат од студ или повеќе ја сакаа силуетата на купе што 403 Cabriolet ја добиваше со овој покрив. Незначителни модификации ја одржуваа свежината на моделот до 1961 година, кога ѕвездата на Peugeot се пиовлече тивко, за да остави место за наследникот Peugeot 404 Cabriolet.
[FAG id=25057]