за

52 невозени „Тојоти“ скапуваат четири децении во подземна гаража во Кипар

Фотографија: AUTO BILD

Педесетина нови возила на Toyota во 1974 година се донесени во Никозија. Кусо потоа турските трупи го запоседнаа островот и го поделија на грчки и турски дел. Оттогаш возилата скапуваат во подземна гаража.

Педесет и две нови возила на Toyota во 1974 година пристигнаа со брод од Јапонија во Никозија, главниот град на Кипар. По кусо време турските трупи го запоседнаа островот и го поделија на грчки и на турски дел. Оттогаш возилата се наоѓаат во подземна гаража во демилитаризираната зона на главниот град на Кипар, во којашто смее да се пристапи само во придружба на мировните сили на ОН. Новинарска екипа на германскиот магазин Auto Bild го посети местото и во најновото издание на магазинот известува од градот на духовите.

Тоа е едно од најапсурдните места во светот. Возени одвај дваесетина километри, покриени со прашина и уништени од корозија, модели како Toyota Corolla, Carina, Celica и Crown пропаѓаат веќе четири децении во една подземна гаража во таканаречената „Ничија земја“. Магазинот пишува: „Прозорците и вратите на некои од автомобилите се затворени уште од 1974 година. Кога ќе се отворат, мириса речиси како ново возило. Освен автомобилите, сопственикот Стефан Узониан на времето морал во бегство да остави и 700 велосипеди, 360 автомобилски гуми и безбројни резервни делови, во вкупна вредност од 130.000 евра. „Веќе 40 години чекаме да ги извлечеме автомобилите“, изјавува Дикран Узониан, син на некогашниот сопственик. Тој денес продава Toyota Yaris во салон во западниот дел од градот.

Четириесетте зими, вандалите и крадците сепак оставиле траги врз возилата. „Спојот на прашина и нечистотија со забот на времето ги претвора автомобилите во морбидни уметнички дела, во кулиса за постапокалиптичен филм“, пишува Auto Bild.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Нов дволитарски дизел за големите модели на Opel

Први фотографии од ентериерот на новиот Hyundai i20