за ,

350.000 фунти за место за паркирање во Лондон

Најскапиот простор за паркирање во Вестминстер може да се изнајмува во следните 50 години и тоа пак ќе биде поевтино од купување на паркингот од 350.000 фунти

Место за паркирање на улица што е еден и пол пат поскапо од просечна куќа во Велика Британија? Слободниот простор на лондонските улици е на цена, но од тоа може да се направи и добар бизнис.

Водечката британска компанија во онлајн-трговијата со простор за паркирање, YourParkingSpace.co.uk, ги објави цените на најскапите паркиралишта што се нудат на продажба на целата територија на кралството. Не изненадува тоа што Лондон е на врвот на листата, со простор за паркирање што неодамна беше објавен за продажба по цена од неверојатно 350.000 фунти. Просторот е наменет за само еден автомобил и се наоѓа зад престижниот „Хајд Парк Гарденс“, како една од најценетите локациите во Вестминстер. Овој паркинг на улица е еден и пол пат поскап од просечна куќа во Велика Британија.

Најскапиот простор за паркирање во Вестминстер може да се изнајмува во следните 50 години и тоа пак ќе биде поевтино од купување на паркингот од 350.000 фунти
Најскапиот простор за паркирање во Вестминстер може да се изнајмува во следните 50 години и тоа пак ќе биде поевтино од купување на паркингот од 350.000 фунти

Според агенцискиот оглас, просторот е лоциран на идеално место за транспортна врска со М1 и со станиците на лондонското метро. Паркиралиштето е со димензии 5,95 х 2,44 метри и се наоѓа под приватен наем во следните 88 години. Според директорот на компанијата, Харисон Вудс, „можете да го изнајмите најскапиот простор за паркирање во Вестминстер на повеќе од 50 години и тој сé уште ќе биде поевтин отколку да се купи овој простор.“

Следна на списокот е гаражата за два автомобила во заштитената еколошка зона Њутаун во Единбург, којашто се продава за почетна цена од 85.000 фунти. За споредба, најскапиот простор за паркирање што може да се изнајми на YourParkingSpace чини само 195 фунти месечно. Тоа значи дека цели 36 години може да се користи најскапиот простор за паркирање во градот, пред да се исплати купувањето на скапоцената гаража во Единбург.

YourParkingSpace моментно нуди на продажба 45 места за паркирање на аеродромот во Манчестер и во неговата непосредна близина, по цена од 35.000 фунти за место. Цените за месечно изнајмување на овие места почнуваат од 100 фунти. Со доплата, компанијата нуди и шоферска служба која го превезува клиентот до терминалот.

Слободното место за паркирање е на цена и во други светски метрополи. Неодамна во Менхетен се продаде паркинг по цена од еден милион долари, а пред неколку години паркинг во Хонг Конг достигна цена од 640.000 долари. Овие простори сепак не ги купуваат индивидуални сопственици, туку компании на коишто сеуште им останува простор за заработка од изнајмувањето. Во секој случај, станува збор за инвестиција што не губи на вредност. Подобро отколку вложување во банка.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Последниот Volkswagen Phaeton од „стаклената мануфактура“ во Дрезден

AMG GLC 43 е следниот модел со шестцилиндарската ѕвезда на Mercedes