Tesla презеде експерт од Apple за развој на технологија за автономно возење

Производителот на електрични автомобили Tesla ангажираше еден од највредните софтверски инженери од Apple. Крис Латнер ќе работи на усовршување на технологијата за автономно возење.

Калифорнискиот специјалист за електричен погон Tesla го ангажираше софтверскиот експерт Крис Латнер од Apple. Тој ќе биде задолжен првенствено во усовршувањето на софтверот за автономно возење, таканаречениот „автопилот“ на Tesla.

Крис Латнер работеше во Apple подолго од една деценија. Тој неодамна испрати порака до своите колеги дека подоцна во јануари ќе го напушти производителот на iPhone, за да искористи професионална шанса во друго подрачје. Латнер притоа не соопшти дека станува збор за Tesla. Сега од производителот на електричните автомобили пристигна и официјална потврда дека Латнер ќе биде ангажиран како потпретседател за проектот за развој на автопилотот.

Приклучувањето на Латнер во експертскиот тим е од особена важност за Tesla, затоа што станува збор за докажано име во развојот на софтвер, коешто воедно ќе биде ангажирано на работна позиција што досега не беше пополнета со експерт кој целото работно секојдневие ќе го посвети во технологијата за автономно возење.

Минатата година се случи кобна незгода во американската сојузна држава Флорида, додека автопилотот управувал со возилото. Случајот уште се наоѓа во истражна постапка кај надлежните судови. Подоцна беа регистрирани уште неколку незгоди, за коишто исто така бил виновен „автопилотот“.

ОСТАВИ КОМЕНТАР