Студии

Q8 Concept ја означи новата дизајнерска ера на Audi

Концептниот автомобил прикажан на салонот во Детроит го најавува изгледот на идниот Q8 којшто треба да стартува со продажба в година. Со купе-теренецот започнува и новото поглавје во дизајнот на Audi, откако долги години критичарите негодуваа поради унифицираниот изглед на моделите од Инголштат.

Во 2018 година во понудата на Audi ќе пристигне купе-теренецот Q8, како одговор на конкурентските Mercedes GLE Coupe и BMW X6. Концептот прикажан на салонот во Детроит го прикажува изгледот на идниот сериски модел, кој воедно ќе биде и прв Audi што ќе го носи потписот на новиот главен дизајнер Марк Лихте.

Неговата задача по преоѓањето од Volkswagen е да внесе прогресивност во изгледот на премиум-марката и судејќи по концептниот Q8, Лихте успеа во тоа. Подолго време марката со четирите прстени беше западната во униформност во дизајнот, којшто се провлекуваше низ целата гама. Отсуствуваше изненадувањето при претставувањето на новите моделски генерации, напредокот во техниката не се прикажуваше соодветно во дизајнот на возилата.

Во дизајнот се препознаваат детали од првиот Quattro од 1980 година

Тоа што Марк Лихте и неговиот тим го создадоа во форма на идниот Q8 целосно ќе се разликува од неговите конкуренти од Минхен и Штутгарт. Предниот дел од покривот е околу шест сантиметри понизок во споредба со техничкиот донатор Q7, потоа истиот продолжува речиси вертикално до опашот, кадешто нагло се спушта надолу.

Audi at the 2017 American Auto Show in Detroit

Наспроти купеовски меката линија на покривот кај GLE Coupe и X6, динамично стилизираната верзија на Q7 оди со поостри и повеќе технички форми. Тоа не е случајност. Со оваа форма на силуетата, Q8 треба да потсеќа на првиот Quattro од 1980 година, легендарниот автомобил што го прослави погонот на сите тркала на Audi и чесно ги декласираше соперниците во релито. Присуството на прамоделот Quattro во изгледот на Q8 се препознава и во моќно испакнатите крила

Хибридниот погон од Q8 Concept ќе се вградува неизменет во серискиот модел

Погонската спрега во Q8 Concept ја сочинува трилитарски бензинец V6 со 333 КС во комбинација со електромотор од 136 КС на предната оска, кои заедно испорачуваат 449 КС и вртежен момент од 700 њутнметри. Со батериите поставени над задната оска, плагин-хибридот може да извози до 60 километри, што е повеќе од дневниот просек на возачите на кој било континент. Податокот за потрошувачката од 2,3 литри на сто километри е наведен според нормите за хибридни возила и произлегува од 60-те километри на струја и од горивото што ќе се потроши за преостанатите 40 километри, додека се изминат вкупно сто километри.

Audi at the 2017 American Auto Show in Detroit

Овој хибриден погон веројатно ќе се понуди во непроменета форма во серискиот модел, заедно со дизели V6 и V8, а можно е подоцна во понудата да се придружи и изведба со чисто електричен погон, откако Audi прво ќе го претстави Q6 e-tron со досег до 500 километри и спринт до сто за помалку од четири секунди.

Ракувањето во кокпитот е како со паметен телефон

Нов пристап има и во внатрешноста. Во кокпитот се ракува како со паметен телефон. Во кокпитот доминираат големи дисплеи на допир, коишто се практично втопени во површините на арматурната табла и во средишната конзола. Од класичните прекинувачи се останати само два или три. Проекцискиот дисплеј е на пат да ги замени обичните инструменти. Концептниот Q8 додава проширена реалност во приказот во овој дисплеј, со предупредувања, препораки и информации директно во видното поле на возачот.

Повеќето од спектакуларните детали во Q8 Concept ќе бидат ублажени за сериската верзија на моделот, како во дизајнот, така и во кокпитот. Цената на Q8 ќе биде повисока во споредба со Q7, чијашто платформа ќе ја користи купе-теренецот. „Класичниот“ теренец моментно стартува од околу 80.000 евра на нашиот пазар.

Audi Q8 Concept

Flickr Album Gallery Powered By: Weblizar
Everbuying INT

Следете ја Automedia.mk

Како забрзува Range Rover со 550 КС на асфалт, снег, песок?