Природни материјали ја заменуваат пластиката во автомобилите

Пластиката во новите генерации автомобили сé почесто се заменува со природни материјали како коноп, памук, волна, лен, кокос, егзотични материјали како кенаф, и секако, дрво. Овие материјали најчесто се користат на места што не се видливи, но обемот на нивната примена во автомобилите ќе изненади многумина.

Влакна од листови од ананас во замена за кожа на седиштата, арматурна табла изработена од коноп, а зад неа поставен кенаф, растение од родот хибускус. Индустријата обемно користи суровини од обновливи извори за вградување во денешните автомобили. Бројни се предностите во споредба со вештачките материјали полиетилен, полипропилен, полистирол или полиестер, коишто ги познаваме под заедничкото име – пластика.

Суровините од обновливи извори можат да се експлоатираат речиси бесконечно, добро изолираат, разградливи се по природен пат и не пукаат при евентуален судир, што би можело да ги повреди патниците. Покрај тоа, природните материјали се полесни, подобро се рециклираат, попријатно е чувството при допир и не избледуваат со стареењето.

Кенаф, волна, европски еукалиптус, лисја од маслиново дрво

Околу една петина од деловите во електричниот автомобил BMW i3 потекнуваат од рециклирање, додека 80 проценти од материјалите во видното поле на возачот потекнуваат од обновливи извори. Тука спаѓаат кенаф, европски еукалиптус, волна. Екстракт од лисја од маслиново дрво се користат како штавило во замена за хемиските препарати.

Од рециклирана пластика од стари акумулатори или браници се изработуваат поткрилата, подот или каблите, при што е суштинско материјалите да поседуваат ист квалитет како појдовните. Volkswagen користи коноп, кенаф, хартија, целулоза, памук и дрво за компоненти во сериското производство, коишто се вградуваат на пример во облогите на вратите и багажникот. Во актуелниот Golf се вградуваат над сто материјали од обновливи извори.

Миризбата и континуираното снабдување се главните предизвици

Меѓу главните проблеми со коишто се соочуваат производителите е миризбата на овие материјали, но и тоа се надминува со посебни технолошки постапки. Друг проблем е обезбедувањето континуитет во снабдувањето, затоа што најразличните влијанија од животната средина можат да го попречат синџирот на добивање суровини, а со тоа и испораката до производителите.

Природните материјали мора да се отпорни на механички влијанија, влажност, топлина, ултравиолетови зраци и на дејство на хемиски средства. За тоа да се постигне, во производството на компонентите за автомобили се користи напредна технологија за компензирање на варијациите во квалитетот на суровините. Развојот на нови материјали не запира. Моментно се истражува со сендвич-конструкции на база на дрво и со премази за заштита од корозија врз биолошка база.

Премиум-марките се предводници во примената на природните материјали

Во облогите на вратите и на кабината во моделите на Mercedes се применуваат влакна од дрво или коноп во комбинација со смола. Премиум-марката вградува најширок дијапазон на природни материјали, вклучувајќи кокосови влакна, лен, памук или целулозни влакна, обично во подрачјата што не се видливи. За обложување на моторот се користи биополимер, изработен од полиамид од рицинусово семе.

Toyota користи обновливи суровини уште од 2001 година, за делови за вградување во праговите, облогите на вратите и за полнење на седиштата. Задната полица, таванот, теписите и облогите на седиштата веќе одамна не се произведуваат од вештачки материјали. Кај хибридниот модел Sai, којшто е достапен само на јапонскиот пазар, четири петини од површините во кабината се изработени од обновливи суровини. Био-гума се користи за вакумските црева, а од истиот материјал наскоро ќе се изработуваат и цревата за сопирачките и за напојувањето со гориво.

Примената на материјали од овновливи извори не се должи само на еколошката свест на производителите. Европската директива за стари возила пропишува 85 проценти од материјалите да можат да се рециклираат и да се искористуваат со 95 проценти.

ОСТАВИ КОМЕНТАР