Екологија Теми Теми

Ова се најеколошките (и најевтини) автомобили на македонскиот пазар

Automedia им постави прашање на дилерите: Кој модел со бензински мотор во вашата понуда има најниска емисија на СО2? Во државите што се совесни за животната средина, еколошката погодност на автомобилите се раководи според вредноста на оваа емисија при купувањето, исто како и при регистрирањето. Намерата ни беше да „дознаеме“ дали можеби еколошките автомобили отсуствуваат во понудата на нашиот пазар, во услови кога јавноста штотуку почнува да ги адресира енормните вредности на загаденост на воздухот на вистинското место. Но, не отсуствувале. Проблемот е на друго место.

Предолго време беше потребно да мине додека проблемот со енормната аерозагаденост почне да се адресира на вистинското место. Се гаснеа фабрики, се посочуваа домашните огништа, улици се прскаа со волшебни материи, можеби во некој период се изведуваа и танци за повикување на дождовите. Ништо не помогна. Дури сега, четири години по пуштањето на првиот голем аларм во јавноста поради енормното загадување на воздухот, автомобилите сé почесто и посвесно се спомнуваат како значајни причинители на отровната маса што ни е останата да ја дишеме. Сите автомобили?

Во земјите во ЕУ, давачките при купување и при редовното регистрирање на возилата се одредуваат според емисијата на СО2. Целиот развој на автоиндустријата се раководи според овој штетен гас. Од минатата година, секој производител мора да ја одржува просечната емисија на СО2 на целата своја моделска понуда на ниво под 130 грами СО2 на изминат километар. Производителите што го надминуваат овој лимит ѝ плаќаат „пенали“ на Европската Комисија за секој пречекорен грам СО2. Тоа е причината зошто спортските марки, меѓу кои и Porsche, вклучуваат модели со плагин-хибриден или електричен погон во својата понуда.

Нашиот портал многупати досега објавувал анализи, кои не укажувале на друго освен на пресудниот удел на составот на нашиот возен парк во вината за еколошката катастрофа. Дали проблемот е во тоа што на македонскиот пазар не се нудат еколошки автомобили? Можеби тие се достапни единствено во земјите во ЕУ или се прескапи за буџетот на македонскиот возач и за македонските фирми.

Кој модел со бензински мотор во вашата понуда има најниска емисија на СО2?

За да провериме, испративме едноставно прашање до дилерите на автомобили: Кој модел со бензински мотор во вашата понуда има најниска емисија на СО2? Притоа ја користевме формата за контакт на нивните вебсајтови, исто како што би постапиле повеќето возачи кои ги согледуваат предностите на комуникацијата по електронски пат. Можеби со некоја намера избравме да контактираме на тој начин.

Некои од нив реагираа експресно (Kia, Ford, Opel – Олимпија Моторс, Volkswagen, Mitsubishi, Fiat) или со прифатливо доцнење, но само кога прашањето беше адресирано конкретно (Toyota, Suzuki, Citroen, Renault), некои воопшто не одговорија (Hyundai), некои нé упатија сами да провериме на нивниот вебсајт (Peugeot), „таму сé пишувало“.

Тие што ги мислевме не се покажаа како вистинските возила за Македонија

Бараме автомобили со бензински мотор, коишто имаат најниска емисија на СО2. Не случајно, тоа обично се и најевтините автомобили во понудата. Ги бараме, значи, најевтините и најеколошки автомобили, со цена достапна за најширокиот купувачки круг, а „достапни“ и за нормативите коишто (би требало да) важат околу еколошката погодност на нашите миленици на четири тркала. Но, зошто на Македонија ѝ се потребни овие автомобили?

Македонија: Три од четири автомобили се постари од 10 години

Ги бараме автомобилите што требаше досега да ја сочинуваат главнината од возниот парк во Македонија, доколку државните институции умееја навреме да ја согледаат опасноста од достигнување и надминување на критичното ниво на аерозагаденост, кога беше дозволено во државата да навлезе река стари возила, без да се земе предвид нивното влијание врз животната средина.

Големите лимузини и теренци, со примамливо блескав знак во маската, но и со еколошки норми што важеле пред дваесетина години – во времето кога возилата уште биле нови, без половина милион километри и сé уште ги исполнувале тогаш важечките норми, задвижувани од големи и силни дизел мотори и без филтер за честички чад – не беа вистинските возила за Македонија.

Дилетанството со возниот парк во Македонија не смее да се дозволи повторно

Сега ги согледуваме последиците на коишто се предупредуваше уште во времето на донесување на одлуката за некатегоризиран увоз без респект кон екологијата. Без одлагање се наметнува неопходност за отпочнување со подготовка за воведување еколошка категорија возила, со посебни повластици при купувањето и експлоатацијата, со цел да се спречи катастрофата на животната средина и политиката (повторно) да научи дека импактот на возилата врз екологијата не смее да се запоставува. Секако дека паралелно со воведувањето на еколошка категорија возила, по пример на акцизното ослободување на хибридните и електричните автомобили кое што датира од многу одамна, потребно е да се разграничи и категорија на нееколошки возила.

Зошто користените автомобили во Германија се евтини? Затоа што се скапи за поседување! За секои 100 cm3 работна зафатнина на моторот се плаќаат по 2,00 евра за бензинци и по 9,50 евра за дизели. На тоа следува дополнителна такса: Секој грам CO2 над лимитот од 95 g/km, се оданочува со 2 евра, како за бензинци, така и за дизели. Построго е за возилата регистрирани пред 2009 година, на пример со норма Euro 1. Кај нив, секои 100 cm3 чинат по 15,13 евра за бензинец или 27,35 евра за дизел. Автомобил со трилитарски дизел и Euro I го чини сопственикот 820 евра при секое регистрирање.

Проблемот очигледно не е во тоа што еколошките автомобили отсуствуваат од понудата за македонскиот пазар, затоа што „пронајдовме“ најмалку две-три дузини модели со достапна цена, што имаат емисија на СО2 под 100 g/km. Тоа не значи дека останатите модели во актуелната понуда од нови возила се нееколошки, тука ги избираме само најевтините, со цел да се докаже дека возилата што се нештетни за животната средина не мора да бидат и скапи.

Возилата што ни ги пријавија дилерите ги исполнуваат последните норми за заштита на животната средина, повеќето од нив имаат цена под 10.000 евра, а покрај тоа се достапни и преку финансирање, што значи дека во тој случај се дури и поевтини отколку при давање кеш на рака на дилер со користени автомобили. Не е неважно и тоа што исполнуваат и најстроги норми за безбедност. Европските закони пропишуваат новите автомобили меѓу другото да располагаат со систем за контрола на стабилноста и со најмалку две воздушни перници, а дополнително и со надгледување на притисокот во пневматиците.

Во поглед на ценовната рамка, поголемиот дел од наведените модели се присутни на пазарот неколку години, што значи дека можат или можеле да се набават и како користени возила, по половина од цената на ново, односно по иста цена со дваесетгодишните лимузини со нулта еколошка погодност, коишто државата дозволи да ги прибереме во нашиот возен парк. Единствено што им недостига е законска рамка којашто ќе им даде приоритет при изборот и ќе ги постави на пиедестал од аспект на нивната „невиност“ кон животната средина.

Никој досега не ги собра најеколошките автомобили „на едно место“

Главниот пропуст е во тоа што никој досега не ги издвои или не знаеше да ги издвои (ценовно достапните) автомобили со најниска емисија на штетни материи во посебна категорија, исто како што тоа се практикува во земјите во ЕУ. Тамошните закони ги привилегираат автомобилите чијашто емисија на штетни материи е под одредениот лимит од 90 или 100 грами СО2, ослободувајќи ги нивните сопственици од плаќање високи даноци при купувањето и при редовното годишно регистрирање.

Во потрага по мистериозниот загадувач на македонскиот воздух

Ова се автомобилите што ќе нé заштитеа од еколошкиот колапс, но и што уште можат да нé заштитат – доколку „автомобилскиот ментален склоп“, узурпиран од највисоки инстанци во последниве години, успее да се врати во нормалните рамки. Тоа е најразумно да се резлизира преку воведување реален еколошки данок при годишната регистрација на возилата, директно условен од емисијата на СО2 или од комбинација на повеќе параметри, вклучувајќи ги тежината, моќноста и работната зафатнина. Екологијата во моментов ги разликува автомобилите единствено според моќноста на моторот. За автомобил со мотор од 55 киловати се плаќаат 110 денари при регистрација, за автомобил со повеќе од 100 киловати 210 денари!? Но, тоа е веќе следниот дел од оваа тема.

Citroen C1 1.0 Feel · Цена: 10.490 евра

Емисија на СО2: 95 g/km

citroen c1

Мотор и пренос: 3 цилиндри, 998 ccm, 69 КС, мануелен менувач со 5 степени Димензии и тежини 347 х 162 х 146 cm, багажник 196/780 L, празно возило 915 kg Перформанси 0-100 km/h за 14,3 s, крајна брзина 157 km/h, потрошувачка (град/пат/просек) 5,0/3,6/4,1 L

Сериска опрема: АВЅ, ЕЅР, 6 воздушни перници, диодни дневни светла, клима уред, електрика на прозорци напред, централна брава, радио, USB, лакирани браници

Dacia Sandero 0.9 TCe LPG S&S Ambiance · Цена: 9.850 евра

Емисија на СО2: 109 g/km (со автогас 98 g/km)

dacia sandero

Мотор и пренос: Фабрички уред за автогас, 3 цилиндри, турбо, 898 ccm, 90 КС, мануелен менувач со 5 степени Димензии и тежини 406 х 174 х 153 cm, багажник 320/1200 L, празно возило 1138 kg Перформанси 0-100 km/h за 11,3 s, крајна брзина 175 km/h, потрошувачка (град/пат/просек) 7,6/5,4/6,2 L

Сериска опрема: АВЅ, ЕЅР, 4 воздушни перници, електрика на предни прозорци, централна брава, клима уред, лакирани браници

Fiat Panda 1.2 Pop · Цена: 9.690 евра

Емисија на СО2: 120 g/km

fiat panda

Мотор и пренос: 4 цилиндри, 1242 ccm, 69 КС, мануелен менувач со 5 степени Димензии и тежини 366 х 165 х 156 cm, багажник 225/870 L, празно возило 1015 kg Перформанси 0-100 km/h за 14,2 s, крајна брзина 164 km/h, потрошувачка (град/пат/просек) 6,6/4,3/5,2 L

Сериска опрема: АВЅ, ЕЅР, 6 воздушни перници, клима уред, електрика на предни прозорци, централна брава, лакирани браници

Ford Fiesta Ecoboost 1.0 Trend · Цена: 12.900 евра

Емисија на СО2: 99 g/km

ford fiesta

Мотор и пренос: 3 цилиндри, 998 ccm, турбо, 100 КС, мануелен менувач со 5 степени Димензии и тежини 397 х 173 х 150 cm, багажник 290/974 L, празно возило 1091 kg Перформанси 0-100 km/h за 11,2 s, крајна брзина 180 km/h, потрошувачка (град/пат/просек) 5,4/3,7/4,3 L

Сериска опрема: АВЅ, ЕЅР, 7 воздушни перници, клима уред, радио, USB, електрика на предни прозорци, централна брава, лакирани браници, кожа на волан и на рачка на паркирна сопирачка, електрика и греење на ретровизори

Kia Rio 1.2 CVVT Experience · Цена: 11.450 евра

Емисија на СО2: 115 g/km

kia rio

Мотор и пренос: 4 цилиндри, 1248 ccm, 84 КС, мануелен менувач со 5 степени Димензии и тежини 405 х 172 х 146 cm, багажник 288/923 L, празно возило 1127 kg Перформанси 0-100 km/h за 13,4 s, крајна брзина 167 km/h, потрошувачка (град/пат/просек) 6,3/4,2/5,0 L

Сериска опрема: АВЅ, ЕЅР, 6 воздушни перници, клима уред, радио со команди на волан и USB, електрика на предни прозорци, централна брава со аларм, лакирани браници, електрика и греење на ретровизори

Mitsubishi Space Star 1.0 Mivec AS&G · Цена: 9.900 евра

Емисија на СО2: 92 g/km

mitsubishi space star

Мотор и пренос: 3 цилиндри, 999 ccm, 71 КС, мануелен менувач со 5 степени Димензии и тежини 380 х 167 х 151 cm, багажник 235/912L, празно возило 845 kg Перформанси 0-100 km/h за 13,6 s, крајна брзина 172 km/h, потрошувачка (град/пат/просек) 4,6/3,6/4,0 L

Сериска опрема: АВЅ, ЕЅР, 6 воздушни перници, клима уред, радио, USB, електрика на предни прозорци, централна брава, лакирани браници, електрика на ретровизори

Opel Adam 1.0 Turbo Ecotec S&S Jam · Цена: 14.686 евра

Емисија на СО2: 99 g/km

opel adam

Мотор и пренос: 3 цилиндри, 999 ccm, турбо, 90 КС, мануелен менувач со 6 степени Димензии и тежини 370 х 172 х 149 cm, багажник 170/663, празно возило 1156 kg Перформанси 0-100 km/h за 11,9 s, крајна брзина 180 km/h, потрошувачка (град/пат/просек) 5,3/3,6/4,2 L

Сериска опрема: АВЅ, ЕЅР, 6 воздушни перници, клима уред, радио со команди на волан, USB, темпомат, електрика на ретровизори, кожа на волан, алу-бандажи од 15 инчи

Peugeot 208 1.2 Puretech ETG5 Active · Цена: 14.364 евра

Емисија на СО2: 97 g/km

peugeot 208

Мотор и пренос: 3 цилиндри, 1199 ccm, 82 КС, роботизиран менувач со 5 степени Димензии и тежини 398 х 174 х 146 cm, багажник 285/1152 L, празно возило 1170 kg Перформанси 0-100 km/h за 14,5 s, крајна брзина 178 km/h, потрошувачка (град/пат/просек) 4,6/3,9/4,2 L

Сериска опрема: АВЅ, ЕЅР, 6 воздушни перници, клима уред, радио со команди на волан, USB, темпомат, електрика на предни прозорци, централна брава, електрика и греење на ретровизори, диодни дневни светла, магленки, кожа на рачка на менувач

Renault Twingo Expression SCe 70 Stop & Start · Цена: 10.800 евра

Емисија на СО2: 95 g/km

renault twingo

Мотор и пренос: 3 цилиндри, 999 ccm, 71 КС, мануелен менувач со 5 степени Димензии и тежини 360 х 165 х 156 cm, багажник 188/980 L, празно возило 980 kg Перформанси 0-100 km/h за 14,5 s, крајна брзина 151 km/h, потрошувачка (град/пат/просек) 5,0/3,7/4,2 L

Сериска опрема: АBS, ESP, 4 воздушни перници, клима уред, електрика на предни прозорци, централна брава, диодни дневни светла, радио со команди на волан и USB, блутут

Seat Mii 1.0 Style · Цена: 11.289 евра

Емисија на СО2: 105 g/km

seat mii

Мотор и пренос: 3 цилиндри, 999 ccm, 60 КС, мануелен менувач со 5 степени Димензии и тежини 356 х 165 х 148 cm, багажник 251/951 L, празно возило 929 kg Перформанси 0-100 km/h за 14,4 s, крајна брзина 160 km/h, потрошувачка (град/пат/просек) 5,6/3,9/4,5 L

Сериска опрема: АBS, ESP, 4 воздушни перници, клима уред, електрика на предни прозорци, централна брава, електрика на ретровизори, радио, USB

Skoda Citigo 1.0 Ambition · Цена: 9.150 евра

Емисија на СО2: 95 g/km

skoda citigo

Мотор и пренос: 3 цилиндри, 999 ccm, 60 КС, мануелен менувач со 5 степени Димензии и тежини 357 х 165 х 149 cm, багажник 251/951 L, празно возило 940 kg Перформанси 0-100 km/h за 14,4 s, крајна брзина 161 km/h, потрошувачка (град/пат/просек) 5,0/3,6/4,1 L

Сериска опрема: АBS, 4 воздушни перници, клима уред, електрика на предни прозорци, централна брава, електрика и греење на ретровизори

Suzuki Celerio 1.0 GL · Цена: 8.660 евра

Емисија на СО2: 99 g/km

cuzuki celerio

Мотор и пренос: 3 цилиндри, 998 ccm, 68 КС, мануелен менувач со 5 степени Димензии и тежини 360 х 160 х 154 cm, багажник 254/1053 L, празно возило 805 kg Перформанси 0-100 km/h за 14,0 s, крајна брзина 155 km/h, потрошувачка (град/пат/просек) 5,1/3,7/4,3 L

Сериска опрема: АBS, ЕЅР, 4 воздушни перници, клима уред, електрика на предни прозорци, централна брава, радио со команди на волан, USB, блутут

Toyota Aygo 1.0 X+ · Цена: 9.290 евра

Емисија на СО2: 95 g/km

toyota aygo

Мотор и пренос: 3 цилиндри, 998 ccm, 69 КС, мануелен менувач со 5 степени Димензии и тежини 346 х 162 х 146 cm, багажник 168/- L, празно возило 855 kg Перформанси 0-100 km/h за 14,2 s, крајна брзина 160 km/h, потрошувачка (град/пат/просек) 5,0/3,6/4,1 L

Сериска опрема: АBS, ЕЅР, 6 воздушни перници, клима уред, електрика на предни прозорци, централна брава, радио, USB, диодни дневни светла

Volkswagen high up! 1.0 60 ASG · Цена: 12.294 евра

Емисија на СО2: 95 g/km

volkswagen up

Мотор и пренос: 3 цилиндри, 999 ccm, 60 КС, роботизиран менувач со 5 степени Димензии и тежини 360 х 165 х 151 cm, багажник 251/959 L, празно возило 940 kg Перформанси 0-100 km/h за 15,3 s, крајна брзина 162 km/h, потрошувачка (град/пат/просек) 4,7/3,7/4,1 L

Сериска опрема: АBS, ЕЅР, 4 воздушни перници, клима уред, алу-бандажи од 15“, радио, USB, кожа на волан, паркинг сензори назад, темпомат, мултифункциски дисплеј, магленки со осветлување во свиоци, централна брава, електрика на прозорци напред

 

Everbuying INT

Следете ја Automedia.mk

Како забрзува Range Rover со 550 КС на асфалт, снег, песок?