Други тестови

Кои марки имаат најдобри системи за заштита на пешаци: Тест на АДАК

Пред три години клубот АДАК првпат ги споредуваше системите за асистенција на повеќе производители на автомобили. Во меѓувреме овие системи продолжија да се усовршуваат и денес располагаат со дополнителни функции. Без систем за спречување удар во пешак повеќе не е можно новите модели да ги добијат максималните пет ѕвезди за безбедност. Клубот утврди големи разлики меѓу тестираните модели.

Тоа што некогаш беше системот против блокирање на тркалата при сопирање, за потоа да следи контролата на стабилноста, денес се системите за асистенција. Повеќе производители веќе ги вградуваат во серија овие помошници на возачот, главно кај премиум марките и во повисоките класи на возила. Извесно е дека и тие наскоро ќе станат стандард во браншата, исто како ABS или ESP.

Секоја трета жртва во сообраќајот е пешак или велосипедист

Во големиот број различни системи за асистенција, за безбедноста е најважно самостојното запирање на возилото при опасност од удар во пешак. Кус поглед во црната сообраќајна статистика го покажува значењето на овој систем. Конкретно, кај нас лани се регистрирани 148 жртви во сообраќајот, од кои 49 се пешаци и 10 се велосипедисти. Близу 40 проценти од жртвите во сообраќајот во Македонија се пешаци и велосипедисти. Во западноевропските земји, овој удел е понизок за околу десетина процентни стапки.

Според експертите, доколку сите возила поседуваат ефикасни системи за асистенција, ризикот за пешаците би се намалил за една третина. Од оваа година, во оценувањето на безбедноста на возилата од страна на конзорциумот Euro NCAP е опфатена и работата на системите за спречување на удар во пешак. Новите модели на тестот за безбедност повеќе не може да ги освојат максималните пет ѕвезди, доколку не поседуваат систем за заштита на пешаци и истиот не работи правилно.

Видео од тестирањето на АДАК (вклучете го македонскиот превод)

Но, тест-процедурата се врши во денски услови. АДАК смета дека тоа е недоволно за оцена на способностите на техниката, затоа што повеќе од половината незгоди со кобни последици за пешаците се случуваат ноќе (во Македонија, од 148 жртви лани, 75 загинале на патиштата дење, 15 на самрак и 58 ноќе).

Поради тоа, АДАК ги тестираше системите дополнително и во ноќни услови, во сценарио со пешак и со велосипедист на патот. Шест модели од средната класа се најдоа на тест, да докажат колку техниката навистина е созреана: Audi A4, BMW серија 3, Kia Optima, Mercedes C-Class, Subaru Outback и Volvo V60.

Вреднување на способноста на ситемите во проценти место оцени

Експертите на клубот овојпат не доделуваа оцени, туку само го наведоа процентот на „исполнителност“ на системите за заштита на пешаците кај одделните модели на тестот. Сто проценти значат дека системот ја извршил функцијата беспрекорно, додека 0% значи дека пешакот или велосипедистот е прегазен и брзината на автомобилот не се намалила автоматски, затоа што системот не ја препознал опасната ситуација.

Марка и модел Audi A4 Subaru Outback Kia Optima Mercedes C-Class Volvo V60 BMW серија 3
Сензорски систем Моно камера Стерео камера Радар + камера Стерео камера + радар Радар + камера Моно камера
Возрасен пешак преминува улица, до 60 km/h 72% 89% 72% 67% 39% 28%
Возрасен пешак по должина на улицата, до 60 km/h 88% 100% 75% 75% 50% 38%
Дете со безб. елек, до 50 km/h 93% 46% 54% 43% 21% 7%
Бавен велосипедист, до 40 km/h 50% 0% 0% 25% 0% 13%
Ноќе, со безб. елек, до 45 km/h 71% 100% 50% 0% 0% 0%
Ноќе, со темна облека, до 45 km/h 17% 100% 0% 0% 0% 0%

Најголемото изненадување го приреди Subaru. Системот безгрешно препознава пешаци и во апсолутен мрак, кога нема улично осветлување, па дури и кога пешакот носи темна облека. АДАК: „Тоа е повеќе отколку што може човечкото око.“

Велосипедите и натаму се тешко надминлив проблем за системите за асистенција

Audi и Subaru моментно располагаат со најдобра техника во овој поглед. Нивните системи можат да спречат удар во пешак што преминува пат дури и при повисоки брзини – при денски услови. Системот со стерео-камери на Subaru се одликува со висока ефикасност и при мрак. Audi е единствен производител што системот за заштита пешаци го испорачува стандардно. Велосипедистите и натаму им задаваат големи тешкотии на сите системи. Единствено Audi A4 може да спречи судар во велосипедист – под услов тој да вози многу бавно. При реални брзини, и асистенцијата на Audi потклекнува.

sistemi za asistencija adak 2

Системите во моделите од средната класа на Volvo, BMW и Mercedes, според клубот мора да работат поефикасно. Ноќе тие се исклучуваат. Асистенцијата кај Volvo работи нестабилно и единствено таа на тестот има проблеми да препознае кукла во движење. Иако Volvo беше предводник на техниката, воведувајќи ја уште во 2010 година, шведскиот производител мора брзо да го надомести заостатокот. Автоматското запирање кај BMW лесно се исклучува и единствено тука асистентот останува исклучен и по следното стартување на возилото.

Бројот на сензори не решава за ефикасноста на системите за асистенција

Бројноста и видот на сензорите не се решавачки за ефикасноста на системот за заштита на пешаците. Audi и BMW располагаат со слични сензори (моно-камера), но тие даваат сосема различни резултати. Subaru докажува дека оптичкиот систем функционира добро и ноќе. Неговиот систем Eye Sight спречува удар во возрасен пешак дури до брзина од 55 km/h, во услови со исклучено улично осветлување и без потреба од безбедносен елек на куклата.

Кога стерео-камерата Eye Sight има пречки во работата, како на пример при силен дожд, истото се прикажува веднаш. Се слуша силен звук и се појавува црвена светилка што трепка во таблата со инструменти. Единствена слабост на системот на Subaru е тоа што не реагира на велосипедисти.

Единствено Audi вградува комплетен систем за запирање пред пешак

Audi е единствениот производител на тестот што во серија вградува комплетен систем за асистенција при опасност, додека Volvo и Mercedes сериски вградуваат само едноставни градски асистенти, коишто можат да спречат налетување во друго возило. Како резултат од тоа, единствено Audi успеа да избегне судир со велосипедист кој се движи со брзина од 8 километри на час. Покрај тоа, A4 одлично се снајде и во сложеното сценарио кога дете ненадејно истрчува од зад паркиран автомобил. Овој вид на судири се избегнува до брзини од 45 километри на час. Системот со моно-камера подолжува да работи и ноќе и не се исклучува, но е мошне чувствителен на контрасти. Куклата се детектира многу подобро кога носи безбедносен елек, отколку без него.

sistemi za asistencija adak 3

Volvo разочара, затоа што неговиот систем има сериозни проблеми да ја детектира куклата во движење. Се слуша предупредување, но сопирачките не се активираат. На возачот исто така не му се соопштува кога системот има пречки во работата. При тест со статична кукла, Volvo реагира малку постабилно, но не како V40 којшто беше тестиран во 2013 година.

Volvo прв стартуваше со вградување системи за заштита на пешаци, но …

Асистенцијата во Volvo потекнува уште од 2010 година, кога V60 се појави како прв модел со систем за спречување удар во пешак на патот. Таа се исклучува ноќе. Иако производителот тврди дека неговиот систем реагира и на велосипедисти, тоа не се случи на тестот на клубот. За разлика од XC90, кадешто се вградуваат понапредни системи во асистенција, кај моделите од средната класа мора да се преземат подобрувања. Добро е тоа што асистенцијата дава јасни предупредувања. Освен звучниот сигнал, на ветробранот се проектира црвено трепкачко светло, коешто е јасно видливо за возачот без потреба тој да го трга погледот од патот пред себе.

Mercedes има задоволителен систем, кој барем ги детектира велосипедистите, спречува судир со возрасен пешак до брзина од 30 km/h и до 25 km/h со дете што истрчува од зад друго возило. Покрај веќе спомнатите пропусти, системот на BMW само предупредува, запира слабо и не работи ноќе, додека Kia спречува судир во возрасен пешак до 45 km/h, но не реагира правилно ноќе.

Техниката постои, но производители ја вградуваат „само колку што е потребно“

Техничарите на АДАК утврдуваат пропусти во видното поле на сензорите, коешто мора да биде пошироко и да ги опфаќа и страничните подрачја при скршнување или кога брз велосипедист го преминува патот. Како што наведува клубот „иако паркинг-сензорите и камерите денес покриваат 360 степени околу возилото, асистенцијата за самостојно запирање при опасност гледа само тесно поле во правецот на возење“.

На крајот АДАК им препорачува на производителите, колку е можно поскоро да стартуваат со вградување на техниката во сите класи на возила, заради спречување незгоди со пешаци или барем ублажување на последиците.

Everbuying INT

Следете ја Automedia.mk

Како забрзува Range Rover со 550 КС на асфалт, снег, песок?