за

25-годишнина на Calibra: На овој Opel дури и Porsche му се тргаше од пат

Пред четвртина век се појави еден од највпечатливите модели во историјата на марката од Риселсхајм. Купето Opel Calibra пристигна по долга пауза како наследник на легендарната Manta. Се покажа дека пазарот уште ги обожува купеата од Opel. Дури и уште повеќе.

Opel имаше обезбедено силна поддршка за премиерата на Opel Calibra на салонот во Франкфурт во 1989 година. Штефи Граф, светскиот рекет број еден, лично ги симна превезот од новото купе на марката со молњата. Но, светот ќе фрлеше око на автомобилот и без Штефи. Публиката на салонот реагираше со бурни аплаузи, коишто луѓето во Opel ги потсетија на времето кога на светот за прв пат му беше претставен легендарниот Opel GT. Но, овие два автомобила имаат многу заедничко. Формата на Calibra и на агресивно дизајнираниот, но никогаш доволно моторизиран Opel GT ја создаде истиот човек, главниот стилист на Opel, Ерхард Шнел.

За разлика од двоседот GT од 1968 година, којшто се базираше на Kadett B, купето со четири седишта Calibra ја користеше како основа платформата од Vectra A. Новото купе сепак беше замислено да им стави крај на годините на отсуство на наследник на Manta. Подоцна во него почнаа да се се вградуваат и шестцилиндарски мотори, па Calibraначна и во сегментот на престижната Monza. Calibra успеа достојно да ги замени обата модела.

Марката со молња во маската во тоа време беше ценета поради иновативноста и спортската нота на нејзините модели. Vectra и Calibra го полираа имиџот на Opel, но уште подобро ја полнеа касата на производителот од Риселсхајм. Во тие кризни времиња за браншата, конкурентите можеа само немо да ги читаат бројките од деловниот биланс на Opel, во коишто стоеше профит од тогашни 1,1 милијарда германски марки и рентабилност којашто беше двојно поголема отколку кај конкурентот Volkswagen.

Приказната за Calibra се навраќа две години пред премиерата на моделот. Во 1987 година Opelја испрати веќе застарената Manta GSI со специјалната серија Exclusiv. Но, наследникот веќе се наѕираше. На салонот во Женева беше претставен безимениот Concept, како аеродинамично купе со елегантна, но во исто време и моќна линија. Тоа беа времиња кога во сегментот на евтините спортски купеа доминираа Јапонците. Ford Capri веќе одамна беше заборавен, а Volkswagen Corrado беше само во најава. На пазарот му требаше возбудливо и достапно купе од Opel.

Студијата од Женева за само 18 месеци созреа во сериски автомобил со рекордно низок коефициент на отпор на воздухот – само 0,26. Студијата доби и име, Calibra. Никој во Opelне очекуваше дека купето ќе наиде на толку голем интерес на пазарот, така што наследникот на Manta, со најтесните светла во светот во тоа време, освен во Риселсхајм мораше дополнително да се произведува и во фабриката на Valmet во финскиот Усикаупунки. Во истата фабрика беше произведена и кабриолет верзија, на што Valmet не можеше да одолее како специјалист за кабриолети. Спортското купе за народот се нудеше во неверојатно голем број на варијанти. Додека повеќето ривали беа достапни само со еден или два мотора, Opelнудеше изобилство од мотори, менувачи, па имаше дури и верзија со погон на сите тркала.

Основниот модел имаше 115 КС, а посилната Calibra 2.0i 16V со 150 КС, со крајната брзина од 223 km/h успеваше да посрамоти и некои многу поизвикани спортски купеа. Топ верзијата имаше турбонатполнење и 204 КС. Купеата обично брзо го губат здивот, но Opelуспеа постојано да ја одржува свежината на Calibra, со мали, но редовни козметички и технички зафати, како и со специјални серии, за носителот на спортскиот имиџ да биде во топ форма. Последната серија пристигна во продажните салони во пролетта 1997 година, понудена во ограничена серија. Тоа што Calibra ги надживеа повеќето од своите конкуренти не беше никаква утеха за огромната заедница на фанови на купето – исто како и отсуството на нејзин достоен наследник до денес.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кина во војна против картелот на автомобилските концерни

Ова е новата Skoda Fabia: Интервју со дизајнерот Кабан