за ,

20 години од првата Toyota RAV4

Пред две децении малкумина веруваа дека новиот вид на теренско возило ќе постигне голем успех. Уште помалку можеа да претпостават дека RAV4 ќе отвори комплетно нов сегмент на возила.
Со појавувањето на Toyota RAV4 на салонот во Женева во март 1994 започна новата ера на возилата со погон на сите тркала. Компактниот теренец со име што доаѓа од Recreational Active Vehicle with 4 wheel-drive, односно возило со погон на сите тркала за активно организирање на слободното време, го трасираше патот за сите идни спортски теренци. Успехот се наѕираше брзо по почетокот на продажбата. Toyota првично планираше да произведува месечно по 4.500 примероци од возилото, но откако уште во првиот месец беа добиени 8.000 нарачки, Јапонците реагираа со удвојување на продукцијата. Продажбата на јапонскиот пазар стартуваше во мај 1994, а еден месец подоцна RAV4 се појави и во салоните во Европа, Африка, Австралија и Латинска Америка.

Комплетна револуција во сегментот на теренските возила

Како урбано и компактно возило со погон на сите тркала, RAV4 се разликуваше од вообичаените теренски возила. Под хаубата работеше дволитарски бензинец со 129 КС, каросеријата имаше самоносечка конструкција, а сите тркала имаа независно водење. Со должина од 3,69 метри, Toyota беше помалечка и од денешните градски возила.

Студијата од 1989 година ги откри плановите на Toyota

Концептниот автомобил RAV-Four од салонот во Токио во 1989 година навести дека Toyota планира компактен автомобил со погон на сите тркала. Стануваше збор за обична дизајнерска студија, тогаш никој не размислуваше возилото да се развие до фаза на сериски модел. Но, откако RAV-Four предизвика огромно одушевување во јавноста, Јапонците решија да дадат зелено светло за проектот во март 1991 година. Тоа е почетокот на развојот на првиот RAV4.

Шефовите извесно време го прекинаа развојот на моделот

На главниот конструктор Масакацу Нонака не му беше лесно да ги убеди колегите во идејата да се произведува големосериски автомобил од сегмент што во тоа време и не постоеше. Поимот СУВ беше апсолутно непознат. Многумина челници во претпријатието не го прифаќаа новото возило, поради што развојот мораше да мирува одреден период. Развојниот тим веќе беше подготвен да се откаже од проектот, кога од неочекувана страна дојде нова силна поддршка за развојот да се доведе до крајната фаза, до сериски автомобил.

Дистрибутерите насетија дека пазарот е гладен за возило како RAV4

Поддршката дојде од јапонските и европските дистрибутери, кои увидоа јасни знаци дека пазарот е зрел за таков автомобил. Набрзо се покажа дека тие биле во право. Веднаш по почетокот на продажбата, RAV4 се докажа како трендсетер со темпераментите и необични возни својства.

Побарувачката беше двојно поголема од планираното

Во првата година Toyota продаде 53.000 примероци од RAV4, а во втората беа веќе двојно повеќе. Во минатата година се продадоа десетпати повеќе возила отколку пред 20 години. Од сите генерации на спортскиот теренец се продадоа преку пет милиони примероци, од кои 1,3 милион само во Европа. Повеќе од 90 проценти од овие возила уште се возат по улиците.

Денешните спортски теренци се семејни возила

Сегментот на спортските теренци се промени значително од 1994 година. Во почетокот овие возила најчесто беа алтернатива за спортските компакти и купеата. Денешниот успех се должи на тоа што за возилото се решаваат семејства што бараат алтернатива за вановите и комби моделите.

Првиот RAV4 беше долг само 3,7 метри

Првата генерација се произведуваше до 2000 година. Покрај верзијата со три врати, подоцна беше воведена и подолга верзија (4,1 метри) со пет врати, како и верзија со погон напред, што исто така претставуваше пионерски чекор. Покусата верзија стоеше на располагање и со платнен покрив. Од октомври 1997 до април 2000 се произведоа и неколку примероци со погон на струја.

Првиот дизел дојде во 2002 година

Втората генерација продолжи до 2006 година, во верзија со три и пет врати и должина зголемена за 5,5, односно четири сантиметри. Бензинецот од 1,8 литар ослободуваше 123, односно 150 КС. Првиот дизел од два литри зафатнина се појави во 2002 година. Со доплата во RAV4 можеше да се добие и торсен диференцијал.

Нов погон на сите тркала во третата генерација

Со комплетно нова платформа и во верзија само со пет врати следуваше третата генерација од 2006 година. Во Русија и САД, моделот се нудеше и во продолжена каросериска изведба. Под хаубата работеа четирицилиндарски бензинци од 2,0, 2,4 и 2,5 литри, шестцилиндарец од 3,5 литри и дизел од 2,2 литри. Новиот систем за погон на сите тркала поседуваше електронски регулирана спојка и помош при поаѓање и спуштање по надолнина.

Сегашниот RAV4 е динамичарот во класата на спортските теренци

Актуелната генерација стартуваше лани. Должината порасна за 23,5 сантиметри, а моторите се бензинци од 2,0 и 2,5 литри, како и дизели со 2,0 и 2,2 литри. Погонот на сите тркала со динамична распределба на вртежниот момент во зависност од брзината, положбата на педалот за гас, аголот на воланот, како и попречното и надолжното забрзување, дополнително поседува контрола за свијоци и спортски модус.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Jeep Cherokee ќе биде ѕвезда на салонот во Женева

Три милиони посетители во „Светот на BMW“