Американскиот специјалист Hennessey изработи специјална серија „World’s Fastest“ од нивниот Venom GT за одбележување на рекордерското возење. Неофицијално, Venom е најбрз автомобил на светот.
Во минатиот месец, американскиот суперавтомобил со 1244 КС постави нов гинисов рекорд за забрзување од место, со постигнувањето 300 km/h за само 13,63 секунди. Најбрзиот автомобил во светот во истиот обид постигна крајна брзина од 435 километри на час, но поради тоа што не беа задоволени критериумите, рекордот на Hennessey не беше потврден од Гинис. Со тоа, Bugatti Veyron Super Sport и натаму ја држи официјалната титула на најбрз во светот.
На разочарување на добро ситуираните љубители на Hennessey, само три примероци ќе се изработат од серијата World’s Fastest – и сите се веќе продадени, по цена од 1,25 милион долари за парче. Специјалниот Venom GT е лакиран во бело, а средишната лента ги прикажува боите на американското знаме.