за ,

12 предлози на тема: Како ќе изгледа Ferrari во 2040 година

„Последниот автомобил во светот ќе биде спортски автомобил.“ Тоа е предвидувањето на еден голем човек од браншата. Според тоа, Ferrari сигурно ќе постои и во 2040 година. Но, како тогаш ќе изгледа еден Ferrari?

Педесет водечки катедри за автомобилски дизајн се натпреваруваа по третпат во рамките на „Ferrari Top Design School Challenge“, да го креираат изгледот на Ferrari во иднината. Некои од креациите што ги предложија дизајнерите изгледаат како да потекнуваат од времето на научната фантастика на Жил Верн, но исто како што фантазиите на таткото на „ес-ефот“ по повеќе векови се преточија во реалност, така е мошне веројатно дека и дел од овие необични автомобилски креации навистина ќе се појавуваат по патиштата по четвртина век.

Ferrari Top Design School ChallengeДванаесет модели стасаа до финалето на светскиот конкурс за дизајн на Ferrari. Последен пат, најдобрите дизајнерски школи се натпреваруваа во 2012 година, а претходно и во 2005 година. Од вкупно 50-те школи на стартот, во втората рунда се пласираа само осумте најдобри, за на крајот да останат само четири од нив.

Ова се финалистите: Факултетот Форцхајм во Германија, како една од водечките школи за автомобилски дизајн во Европа; Колеџ за студии по креативност од Детроит, САД, кој привлекува студенти од целиот свет поради исклучително високите технички и едукациски стандарди; Универзитетот Хонџик во Сеул, Кореја, со најголем број кандидати и победник во 2012 година; ИСД-Рубика од Валенсиен, Франција, со врвна настава по компјутерско моделирање.

Студентите започнаа да работат на нивниот Ferrari од иднината во октомври 2014 година, за 12-те модели во финалето, по три од секоја школа, да пристигнат во Маранело една година подоцна. Сега претстои најнеблагодарниот дел од процедурата – да се избере победникот. Поточно, сега треба да се изберат двата победника, по еден за секоја награда. „Големата награда“ ја доделува жири од дизајнери, инженери, тркачи и колекционери, додека „Специјалната награда“ ќе му припадне на дизајнот што ќе освои најголем број гласови на отвореното онлајн-гласање.

Носителот на „големата награда“ ќе биде познат на 15-ти јануари в година, по гласањето на жирито составено од Никола Боари, Франко Симати, Алдо Колонети, Родолфо Гафино Роси, Џеј Кеј, Флавио Манцони, Ник Мејсон, Андреа Милитело, Марк Њусон, Паоло Пининфарина и Себастијан Фетел. Што се однесува до „специјалната награда“, тука решава секој што ќе го даде својот глас на официјалната страница на конкурсот на Facebook.

Цитатот „Последниот автомобил во светот ќе биде спортски автомобил“, инаку, потекнува од легендарниот Фери Порше. Последниот автомобил, светот сепак нема да го доживее. Светот не може без автомобилите.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Дали автомобилот треба да се мие во зимо или не?

Mercedes влегува во бизнисот со скапоцени недвижнини