Најпрочуениот таен агент во светот, во слободното време рекламира автомобили. Џејмс Бонд вози Aston Martin и сите се убедени во тоа. Но, фактите кажуваат поинаку. Изложбата во Лондон содржи голем број автомобили од други марки, но и летала, подморници и разновидни изуми коишто шпиунот ги користеше во 24 филмови. Само мал дел од нив ги преживеале снимањата без оштетувања.
Автомобилот што постави еден од најспектакуларните светски рекорди денес е руина. Тешко се распознава дека комплетно згмечениот автомобил во музејот е Aston Martin DBS. Неговото незаборавно појавување во филмот „Казино Ројал“ во 2006 година беше изведувањето седум и три четвртинско салто. Каскадерот Адам Кирли немаше друг избор освен да чека цели единаесет секунди зад воланот додека автомобилот повторно се пречека на тркала. Подвигот беше награден со запис во Гинисовата книга на рекорди.
Најголемата збирка со оригинални возила од филмовите со Џејмс Бонд
Посетителите на изложбата „Bond in Motion“ ќе ги дознаат сите детали за ова и за многу други возила. Станува збор за најголемата официјална збирка на оригинални возила од филмовите за Џејмс Бонд. Покрај руинираниот DBS се наоѓа и вечерниот костум, што Бонд, алијас Даниел Крег, наводно го носел при снимањето, со литри филмска крв на јаката.
Aston Martin DB 5 од „Златно око“ од 1995 година
Кршењето автомобили е неразделно од филмовите со Бонд. Во 1960-те години, тоа им се случуваше само на прогонителите на агентот. На изложбата има уште еден Aston Martin DBS. Агентот го возеше скапоценото купе и во „Трошка надеж“, кадешто DBS со регистерски ознаки 72 GH 3LD остана без врата. Затоа, пак, Sunbeam Alpine остана неоштетен. Шон Конери го возеше кабриолетот во „Др. Но“ од 1962 година.
Сопственичката на Sunbeam Alpine добивала 10 фунти дневно за изнајмување на возилото
Подобро што завршило така, затоа што автомобилот бил изнајмен. Возилото повеќе не постои, но има документ што сведочи за неговата улога во филмот. Продуцентите го изнајмиле автомобилот од приватна сопственичка, по цена од десет фунти дневно. Раскусурувањето на договорните странки е евидентирано со договор составен на машина за пишување, којшто е уредно врамен.
Одделот со возилата на бондовските убавици: 2CV, T-Bird, Ka, Landy
Потребни биле многу години додека се соберат сите експонати. Еден дел од нив потекнува од архивот на продуцентската куќа, друг дел од фондацијата Јан Флеминг, а има и неколку предмети од приватна сопственост. Никој не се осмелува да ја процени вредноста на збирката. Некои од возилата достигнуваат милионска вредност на наддавањата.
Како железен монструм од три тони се нашол во сутеренот?
Агентот 007 тешко се фаќа на улица, но и во вода и воздух. На влезот во музејот во Ковент Гартен пречекува „Малечката Нели“, хеликоптерот што им пушташе ракети воздух-воздух на злосторниците во „Само двапати се живее“. Директно под обесениот хеликоптер е неговата апсолутна спротивност, Rolls-Royce Phantom III. Тој се искачуваше по Швајцарските Алпи во „Голдфингер“ во 1964 година. Човек не може, а да не се праша, како тритонскиот монструм се нашол во сутеренот во куќата на Велингтон Стрит. Одговорот го дава жолтиот синџир, што виси над влезната просторија на музејот.
Како што се навлегува во 55-те години работа во тајната служба на нејзиното височество и 24-те филмови, се откриваат цели филмски армии од сценаристи, режисери и филмски архитекти, вклучувајќи го легендарниот Кен Адам. Подеднакво е импресивна и користената техника. Светот го помни Aston Martin V8 со скии, исто како и DB5 со ракетен фрлач, кој пламна во „Скајфол“. Секако дека не беше запален вистински автомобил, туку макета во размер 1:3. Амфибискиот Lotus Esprit добивал погон од нуркачи, кои го туркале возилото при снимањата под вода. BMW Z8 исто така не е пресечен, туку постои во едно парче, а глисерот Glaston GT-50 има џумка на крмата. Тој е единствениот преживеан примерок, по 17 идентични глисери пред него.
Секако дека изложбата ги содржи и „гаџетите“, кои многупати му се наоѓаа при рака на агентот. Високата технологија во служба на 007 ја претставуваат ракетниот ранец од „Умри друг ден“ или трициклот Honda ATC 90 со балон-гуми од „Дијамантите се вечни“. На ѕидовите се наоѓаат многубројни скици и илустрации со коишто авторите и техничарите ги подготвувале своите идеи за филмска реализација.
Дури и најголемите зависници од консумирање на филмовите за Џејмс Бонд ќе имаат потешкотии да посочат возило што не се наоѓа во оваа збирка. Нешто сепак недостига. Белата Toyota GT 2000 Cabriolet од „Само двапати се живее“ е изработена во само два примерока, едниот моментно е во музејот на Toyota во Јапонија, додека судбината на вториот примерок е непозната. Акико Вакабајаши, пак, една од бондовските убавици, никогаш не го возела автомобилот. Таа не поседувала возачка дозвола.
[FAG id=29386]