за

Џереми Кларксон суспендиран: Фановите шокирани

Долгогодишниот водител на најпознатата автомобилска емисија во светот „Top Gear“ е суспендиран привремено од британскиот канал BBC. Фановите бараат враќање на Кларксон.

Автомобилистите од цел свет се шокирани. Британскиот канал BBC привремено го суспендиран водителот на светски познатата емисија „Top Gear“. Џереми Кларксон (54) физички го нападнал продуцентот на емисијата.

Емисијата „Top Gear“ нема да се емитува во претстојнава недела, ниту во следните две. BBC размислува дали емисијата некогаш повторно ќе струи во етерот и дали Кларксон ќе добие втора шанса. На социјалните мрежи се формираа групи коишто бараат отповикување на суспендирањето. На нив може да се сретнат секакви коментари за Кларксон, од „спонтан и ироничен“ до „политички некоректен“ преку „шовинистички и реакционерски“ до „расистички“. Во онлајн-петицијата во Британија се вклучија преку 350.000 лица. Емисијата има 4,5 милиони следбеници само на Twitter.

Џереми останал гладен на снимањето

Наспроти претпоставките, Кларксон не заглавил поради неговите вербални пресметки, туку поради примена на физичка сила. Водителот збеснал поради тоа што немало обезбедено кетеринг за време на снимањето во Њукасл. Либералниот британски дневник „Гардијан“ го опишува Кларксон како „расист, хомофоб и сексист“. Во 2013 година, тој за малку се спасил од суспендирање или отказ, поради тоа што го кажал зборот „нигер“ во емисијата на BBC. Потоа следеше и негово јавно извинување. BBC, меѓу другото, тогаш го предупреди Џереми дека ако уште еднаш направи таков ексцес, не му бега отказ.

Аргентинците го протераа, му се налутија и Индијците…

За Кларксон се зборуваше многу и лани, откако тимот на неговата сопствена продукциска куќа мораше да ја напушти Аргентина, поради користење регистерски таблички со ознака „H982 FLK“, што Аргентинците го сфатија како злонамерно потсеќање на загубената војна околу Фокландските Острови. BBC тогаш одби да се извини во име на Кларксон, на барање на аргентинската амбасада во Британија.

Проблеми имаше и за време на снимањето на емисијата во Индија, кадешто Кларксон тестираше модел на Jaguar. Тој предложи во автомобилот да се вгради тоалет, затоа што сите туристи во Индија наводно добиваат дијареја.

Покрај многу фанови, водителот има и многу непријатели во татковината, вклучувајќи го и поранешниот британски премиер Гордон Браун, когошто Кларксон го опиша како „едноок шкотски идиот“. Ниту камионџиите не останаа поштедени, откако Кларксон возеше камион и праша директно во камера: „Што ги предизвикува камионџиите? Убивањето проститутки? Или возењето штедливи камиони?“

Емисијата му носи 150 милиони фунти на BBC – годишно!

Автомобилските експерти оценуваат дека емисијата „Top Gear“ е бескорисна, но нуди добра забава. Секоја епизода ја следат преку десет милиони гледачи, преку сателит или интернет. Досега преку 350 милиони гледачи ја имаат следено емисијата. „Top Gear“ е далеку најгледана емисија на BBC, со годишна добивка од преку 150 милиони фунти. Кларксон е свесен колку вреди за BBC и според британските медиуми досега има заработено преку 30 милиони фунти од емисијата. Тој ја презеде емисијата во 1988 година и од здодевна техникалија ја претвори во забавувачка империја.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тест на 35 модели на летни гуми од клубот АДАК (Втор дел: Димензија 185/60R14)

Новата Toyota Avensis стартува во лето со повеќе опрема за исти пари