за ,

Њујорк 2015: Сите светски премиери на салонот покрај Хадсон Ривер

Големите играчи на автомобилската сцена ги покажаа мускулите на првите два најважни салони годинава во Детроит и во Женева. На салонот во Њујорк, производителите се вратија во автомобилското секојдневие. Големите теренци и моќни спортисти секако дека не недостигаат, ова се сепак САД. Главниот печат на салонот покрај реката Хадсон сепак го оставија големите елегантни лимузини, со олеснети каросерии во комбинација со штедливи мотори.

Scion iA

Scion_iAАмериканската марка на Toyota ќе се обиде да ја привлече младата генерација со едноставна и малечка, но солидно изработена лимузина. Новиот модел iA ја сочинува основата на понудата на Scion и ќе стартува со продажба во септември, како прв лимузински модел во понудата на марката во ниската класа. Не е случајно тоа што поголемиот дел од каросеријата изгледа познато. Станува збор за модифицирана верзија на Mazda2. Малечката лимузина со 1,5-литарски бензинец и 106 КС ќе чини околу 16.000 долари.

Toyota RAV4 Hybrid

toyota_RAV4_HybridЈапонците за првпат го нудат RAV4 во изведба со хибриден погон. Четирицилиндарскиот бензинец од 2,5 литри работи во комбинација со два електромотора, преземени од Lexus NX 300. Деталните технички податоци уште не се објавени, но системската моќност би требало да изнесува околу 200 КС и вредноста на потрошувачката да се движи околу пет литри, по пример на благородниот брат со знак на Lexus.

Scion iM

Scion_iMТоа што на европските патишта го препознаваме како Toyota Auris, од септември ќе се продава на американскиот пазар како Scion iM. Компактот со „малечки“ пропорции според тамошните стандарди ќе се продава по цена од 20.000 долари. За тие пари се добива 1,8-литарскиот бензинец со 140 КС, систем за навигација и ветробран со посебна звучна изолација.

Subaru BRZ STI Concept

subaru brz stiТркачкото одделение на Subaru уште не го кажало последниот збор околу спортското купе BRZ и за салонот во Њујорк го подготви концептот BRZ STI. Овој уникатен примерок е изработен специјално за салонот и се одликува со аеродинамика дотерана за трки, стегнато подвозје и мотор од тркачкиот болид што учествува во шампионатот Super GT во Јапонија, со моќност од 300 КС. Доколку публиката реагира позитивно, можно е „брз“ да почне да се работи во серија.

Porsche Boxster Spyder

porsche boxster spyder 620150403Деби на нова варијанта на Boxster со име Spyder. Двоседот со две впечатливи грбки одзади ќе стартува со продажба во јули по цена од околу 80.000 евра. Со платнениот покрив се ракува рачно, исто како и со менувачот. Покрај тоа, подвозјето е дополнително стегнато и назад работи 3,8-литарски боксер со моќност од 375 КС. Со тоа, Spyder е најсилната верзија на Boxster досега.

Cadillac CT6

cadillac ct6Американската луксузна марка најавува враќање во високата автомобилска класа со новата лимузина. Новиот знаменосец, којшто од почетокот на следната година ќе се продава и на европскиот пазар, се одликува првенствено со лесна конструкција. Поради тоа, под хаубата повеќе не работи мотор V8, туку планирани се мотори со четири и шест цилиндри со моќност до 400 КС. Купувачите ќе можат да избираат варијанта со преден погон или со погон на сите тркала.

Студиите на VW Beetle

Volkswagen Beetle Concept-CarsVolkswagen подготви четири студии од коишто ќе произлезат сериски модели во зависност од реакцијата на публиката. САД е најголем пазар за Beetle во светот, но продажбата лани забележа значителен пад. Стратезите на Volkswagen сакаа да привлечат повеќе машки купувачи со актуелниот Beetle, но со тоа ги изгубија симпатиите кај женската публика. Затоа следи оваа корекција и обид за повторно феминизирање на „ретро-бубата“.

Lincoln Continental Concept

lincoln continental concept 820150331По повеќе од една деценија од последниот Continental, луксузната марка на Ford се враќа во значајниот сегмент на престижни лимузини. Крстосувачот со трилитарски мотор V6 од генерацијата EcoBoost официјално се води како студија, но сериското производство започнува веќе во следната година. За лимузини долги преку мет метри има огромен интерес кај кинеските бизнисмени и Lincoln ќе се обиде да профитира од тоа.

McLaren 570 S

mclaren 570s 520150331Британската спортска марка атакува сериозно да го преземе приматот во секоја класа на спортски автомобили. По суперспортските P1 и 650S коишто им се спротивставуваат на моделите на Lamborghini и Ferrari, големото име од формула 1 сега го напаѓа и Porsche 911, со новиот 570S. „Основниот модел“ во понудата вози со познатиот 3,8-литарски V8 со турбонатполнење и со тежина од само 1,3 тон забрзува до сто за 3,2 секунди, а крајната брзина му изнесува 328 km/h.

Honda Civic Coupe Concept

honda civic x220150401Honda ја најавува десетата генерација на компактниот Civic со студијата во дречлива зелена боја. Купето и лимузината се развиени посебно за пазарот во САД и постигнуваат одлични продажни бројки, но нема да се нудат на европскиот пазар. Новата генерација „Американци“ што ќе стартува со продажба веќе наесен сепак е интересна и за европските купувачи, затоа што тукашните верзии ќе ја користат истата основа, со значително олеснета конструкција и нови мотори со турбонатполнење.

Jaguar XF

jaguar xf 720150324Со каросерија што во најголемиот дел е изработена од алуминиум, новата генерација на XF е полесна за околу 200 килограми од претходникот, а најштедливата варијанта со дизел мотор според фабричките податоци троши само 3,9 литри гориво. Појавувањето на новиот Jaguar треба да предизвика загриженост кај премиум триото Audi A6, BMW серија 5 и класата Е на Mercedes. Изгледот е променет незначително од последниот XF. Понудата од мотори се состои од три дизели со моќност меѓу 163 и 300 КС и еден бензински V6 со 340 и 380 КС. Продажбата стартува во октомври, основниот модел чини нешто повеќе од 40.000 евра.

Mercedes GLE

mercedes gleПремиера за GLE, како што отсега ќе се нарекува класата M. Освен името, нови се крилата и светлата. Најважен технички новитет е моделот GLE 500e, прв со хибриден погон со надворешно полнење на батериите, со комбинација од бензински V6 со 333 КС и електромотор со 116 КС. Најсилната верзија на AMG вози со 585 КС.

Nissan Maxima

Nissan MaximaNissan веќе одамна се откажа од средната и високата класа на европскиот пазар, но затоа е мошне силна на пазарот во САД. Петметарскиот знаменосец Maxima раскрстува со здодевниот изглед на претходникот, а под хаубата ќе работат мотори со четири и шест цилиндри. Дали има шанси Maxima повторно да се нуди во Европа? Не.

Kia Optima

Kia OptimaГерманскиот мајстор на автомобилскиот дизајн Петер Шрејер повторно „нацрта“ атрактивна лимузина со моделското име Optima. Големи промени има и зад воланот, а моделот ќе биде достапен и со првиот плаг-ин хибриден погон на Kia. Премиерата на европската верзија ќе биде во септември, на салонот во Франкфурт.

Range Rover SV Autobiography

range rover svautobiography 1520150330Достоинствено и возвишено и во кал. Тоа може да биде мотото на најблагородната изведба на Range Rover со традиционалната ознака Autobiography. Луксузниот теренец за првпат се нуди со двобојна каросерија, со врвно избрана и обработена кожа, па дури има и две комфорни седишта што се извлекуваат од подот на багажникот и создаваат еден вид „тераса“ за уживање во природата. Се разбира дека луксузот мора да го зафати и просторот под хаубата. Таму работи V8 со механички компресор и 550 КС.

Chevrolet Spark

chevrolet sparkНовиот Spark ја користи техниката од Opel Karl и има иста должина на каросеријата од 3,70 метри, четири врати и изгледа посимпатично од верзијата на европската марка. Продажбата на Spark во првите месеци од годинава се зголеми за 35 проценти во споредба со лани, без оглед што цените на горивата паднаа значително во периодот.

Chevrolet Malibu

chevrolet malibuПремиерата на лимузината на Chevrolet е важна и за љубителите на марката Opel, затоа што следната генерација на Insignia ќе ја користи нејзината платформа. Новата генерација е полесна, поголема и поштедлива од претходникот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen им се додворува на Американките: Битл-манија во Њујорк

Њујорк 2015: Купе-теренецот на Infinity порасна повторно