за

Јужна Кореја е светски шампион во субвенционирање на електричните автомобили

За купување електрични автомобили, Јужнокорејците добиваат помош од државата во висина од преку 11.000 евра. Во повеќе од триесет држави низ светот постојат високи субвенции за возила со погон на струја.

Електричните автомобили постигнуваат значаен удел во продажбата во само неколку држави, иако голем број влади низ светот ги потпомагаат возилата со погон на струја со широкогради даночни олеснувања или директно субвенционирање. Повеќе од триесет држави низ светот ги третираат електричните автомобили во даночната политика или преземаат мерки за поттикнување на продажбата на електрични автомобили.

Некои влади посегнуваат длабоко во буџетот, за електричниот погон да го приближат до народот. Во Јужна Кореја, државните субвенции за возилата со погон на струја достигнуваат 11.450 евра. На тоа следуваат уште максимално 9.800 евра, коишпто се обезбедуваат на локално ниво. Во ниту една друга држава не постои поголема помош за купување електричен автомобил.

Кинеската влада директно ги субвенционира производителите на електрични автомобили

Кина исто така издвојува солидни суми во поттикнувањето на електромобилноста. Таму следуваат до 9.800 евра по возило. Покрај тоа, купувачите се ослободени од плаќање данок, а постои и даночно олеснување за поставување полнач за струја. Државата директно ги субвенционира производителите на електрични автомобили, што потоа се рефлектира и во продажната цена на возилата.

https://automedia.mk/objavi/27105

Меѓу државите со највисоки субвенции се вбројува и Франција, којашто купувањето електрично возило го наградува со најмногу 10.000 евра. Субенција од 3.500 евра следува и за купувачите на возило со плагин-хибриден погон. Државната помош во некои земји, како Германија, Австрија или Шпанија, се одредува зависно од продажната цена на автомобилите, а во Шпанија дополнително се зема предвид и досегот на возилото.

Посебен случај е Норвешка, кадешто не постојат директни субвенции, но затоа има големи даночни повластици, поради што електричните автомобили честопати се поевтини од возилата со обичен погон. Разликата во цената меѓу верзиите на Golf со електричен и бензински погон изнесува близу 9.000 евра.

Во овие држави се највисоки субвенциите за електрични возила

Држава

Возила со електричен погон

Возила со плагин-хибриден погон

Јужна Кореја

Од 4700 до 11450 евра, плус локални субвенции до 9800 евра

4000 евра

Франција

10000 евра

3500 евра

Кина

5700 до 9800 евра, ослободување од данок

до 7634 евра, ослободување од данок

Малта

5000 до 8000 евра, при одјавување возило постаро од 10 години

3000 евра, доколку емисијата на СО2 е под 50 g/km

Словачка

5000 евра

3000 евра

Белгија

До 5000 евра

Шпанија

2700 до 5500 евра

2700 до 5500 евра

Германија

4000 евра (со ценовен лимит)

3000 евра (со ценовен лимит)

Австрија

4000 евра (за возила до 50000 евра)

1500 евра (за возила до 50000 евра)

Во некои држави, место директна субвенција се применуваат пакет мерки, како ослободување од данок или царина. Во Швајцарија, Италија или Белгија, олеснувањето при купување електрични или плагин-хибридни возила се применува само во одредени региони или кантони. Наспроти тоа, во Австралија, Полска, Чешка и Србија не постојат никакви олеснувања.

Во Македонија постои ослободување од акциза за возилата со хибриден погон

Македонија е понапредна во тој поглед. Според Законот за акцизи, возилата со хибриден погон веќе десетина години се ослободени од акциза, којашто за возило вредно меѓу 25 и 30 илјади евра изнесува 15,5%, односно државата се откажува од наплата на околу 4.000 евра. Малкумина увозници се повикуваат на овие олеснувања. Покрај Toyota и Lexus како предводници на хибридниот погон, од неодамна и Suzuki го користи акцизното ослободување во својот маркетиншки настап. Останатите молчат или се незаинтересирани да ги „поучат“ купувачите дека модел со хибриден погон, особено во повисоките ценовни сегменти, значително е поевтин отколку верзија на моделот со дизел мотор. Електричните автомобили остануваат „во план“.

https://automedia.mk/objavi/27224

Не може да се воспостави директна врска меѓу висината на субвенциите или даночните олеснувања врз уделот што електричните автомобили го постигнуваат во продажбата. Не постои правило дека повисоки субвенции ќе ја поттикнат продажбата на електричните возила. Германија, Велика Британија или Франција, иако масивно го подржуваат чистиот погон на струја, имаат низок удел на овие возила во вкупната продажба. Уделот во земјите изнесува соодветно 0,75%, 1,3% и 1,45%. Наспроти тоа, Холандија се издвојува со шестпроцентно учество на електричните возила во вкупната продажба.

Награди за возилата со чист погон, казни за еколошки несоодветните возила

Во секој случај мора да се земат во предвид и недостатоците на погонот на струја, а тоа е недостигот од соодветна инфраструктура од полначи, како и недоволниот досег на електричните автомобили. Но, и државата мора да се заложи. Во Кина лани се продадени повеќе од половина возила со електрифицирана погонска спрега, односно возила со батериски погон и со плагин-хибриден погон. Но, покрај тоа што владата го подржува погонот со високи субвенции, применува и строги закони.

Електрични автомобили
Кинеската марка BYD е најголем производител на електрични автомобили во светот

Заради подобрување на квалитетот на воздухот во голем број градови во Кина, државата ги обврзува производителите да го зголемат уделот на возила со погон на струја во својата продукција на 12 проценти до 2020 година. Уделот на погонот на струја моментно изнесува 1,8 процент, но воведената квота несомнено ќе придонесе овој удел да расте рапидно во следните години.

Секое трето продадено возило во Норвешка поседува електричен погон

Норвешка е светски пример за електричните и хибридните возила. Лани таму се регистрирани 45.000 возила со погон на струја. Нивниот удел во вкупната продажба изнесува фантастични 29 проценти. Причина за тоа се високите даночни оптоварувања за возилата со конвенционален погон, коишто во богатата скандинавска држава чинат и до двапати повеќе отколку во останатите држави во Европа.

Posted by Automedia.mk on Monday, May 8, 2017

Норвешка ги ослободува купувачите на електрични автомобили од ДДВ во висина од 25%, но и од царински давачки и еколошка такса. На тој начин се постигнува електричната верзија на Golf да биде околу 9.000 евра поевтина од обичен Golf. Погодности има и при секојдневното користење: Ослободување од патарина, право на користење на лентата за јавен превоз, бесплатно паркирање на јавни паркиралишта, па згора и бесплатно полнење на еден од близу 1.800 полначи низ земјата.

Електромобилноста низ светот напредува со брзо темпо. По 2020 година, возилата со погон на струја ќе бидат целосно етаблирани на пазарот, за што меѓу другото ќе придонесе и постојаниот напредок на техниката, но и сменетите политички услови.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes 300SL е еден од олдтајмерите чијашто вредност допрва ќе расте

Олдтајмери во коишто најмногу вреди да се инвестира

BMW i8 во служба на чешката полиција