за

Јубилејниот Land Rover Defender вреди 400.000 британски фунти

Двемилионитиот Land Rover Defender достигна рекордна вредност на синоќешното наддавање во Лондон. Во изработката на јубилејниот модел учествуваа познати личности, меѓу другото и авантуристот Бер Грилс.

Уникатниот Land Rover Defender се продаде за рекордни 400.000 британски фунти на престижното хуманитарно наддавање во познатата аукциска куќа Бонамс на Бонд Стрит. Сите средства од наддавањето ќе бидат донирани на партнерите на Land Rover кои се занимаваат со хуманитарна дејност и со заштита на животната средина.

Двемилионитиот Defender излезен од фабриката на Land Rover во Солихал прејде во сопственост на наддавач од Катар. Во производството на возилото во мај годинава учествуваа амбасадорите на марката и личности од историјата на Land Rover, меѓу другото авантуристот Бер Грилс, Вирџинија Мекена, како и Стивен и Ник Вилкс, синови на основачите на Land Rover.

Дизајн на прамоделот беше исцртан првпат во песокот во заливот Ред Ворф

Возилото е изработено во знак на одбележување на скорешното заминување на Defender во историјата, откако неговото производство во Солихал за првпат по 1948 година ќе запре во јануари следната година. Двемилионитиот Defender поседува уникатни обележја, меѓу кои гравирана мапа од заливот Ред Ворф, кадешто во песокот беше поставен темелот на дизајнот за прамоделот на Land Rover, и секако, плочка со бројот 2.000.000.

Еден од моделите што ќе се произведуваат во новата фабрика во Словачка ќе биде наследникот на Defender
Еден од моделите што ќе се произведуваат во новата фабрика во Словачка ќе биде наследникот на Defender

Кожените седишта исто така го прикажуваат легендарниот залив, со логото на јубилејниот модел исшиено во потпирачите за глава. Покрај возачкото седиште се наоѓа плочка од алуминиум – суштинскиот материјал на Defender – на којашто се потпишаа сите личности кои помогнаа во изработката на возилото. Во типичниот британски фетиш за симболика во регистерските ознаки, двемилионскиот Defender носи специјални таблички S90 HUE, како омаж на регистрацијата HUE 166 на првиот воопшто произведен примерок од легендарната серија теренски возила.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi Q2 на смрзнувачко преживување пред премиерата во Женева

Mercedes стартуваше со производство на кабриолетот од класата S