за

Јубилејна серија на Shelby 427 Cobra – без мотор под хаубата

Педесетгодишнината на легендарната 427 Shelby Cobra се одбележува со ексклузивна серија ограничена на 50 примероци. Изненадувањето е под хаубата. Нема мотор!

Shelby American ја одбележува 50-годишнината на Cobra со „биг-блок“ со ексклузивна серија од 50 примероци. Идните сопственици можат да изберат каросеријата да биде изработена од алуминиум или фиберглас, во првиот случај во „гола“ верзија или лакирана во традиционалната сина боја, соодветно со или без брусени или бели ленти, додека втората и поевтина верзија е достапна само во сина боја, со бели ленти. Моделот ќе биде претставен премиерно на аукцијата на Берет-Џексон во Аризона, на 13-ти јануари.

Американците ја изработија Cobra со големиот блок пред половина век, со цел да покажат супериорност над сите домашни и европски автомобили во тоа време. Со независна суспензија со спирални пружини, поголема кабина, поголеми сопирачки, проширена трага, подебели гуми, и секако, со големиот мотор од Ford, Cobra 427 инстантно го протресе светот на четири тркала. Уште во првата година Cobra го освои американското првенство за сериски автомобили во организација на SCCA.

Јубилејната Shelby Cobra е конципирана како кит за доработка од страна на сопственикот или овластен дилер. Секој автомобил се испорачува „на тркала“, без мотор.

Серијата со броеви од CSX4500 до CSX4599 има неколку препознатливи белези, покрај беџовите на каросеријата и во кабината. За седиштата, патосот и арматурната табла се користени врвни материјали, вграден е резервоар од 23 галони во тркачки стил, сопирачките се со тркачка спецификација, а инструментите се специјално изработени за серијата. Моторот што купувачот може да го нарача дополнително, исто така е изработен специјално во Shelby Engine Company.

Цените се легендарни исто колку автомобилот. Обичната верзија со каросерија од фиберглас чини 119.995 долари, додека за алуминиумската верзија се потребни 179.995 долари – не вклучувајќи го моторот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Pixi со три системи и новитети од Palm

Audi A7 ќе вози 900 километри без возач