за

Јахта од Toyota со два мотора од Land Cruiser

Toyota го следи чекорот на конкурентот Honda и се впушта во освојување на водите. За почеток се планира јахтата на Toyota да се произведува во 15 примероци годишно.

Додека Honda во меѓувреме ги освојува и небесните ширини со приватниот џет, Toyota допрва се пушта по светските мориња. Автомобилскиот гигант ја претстави јахтата Ponam-31, наменета за крстосување покрај бреговите или за рибарење и спортови на вода. Спортската јахта којашто Toyota ја води како Sports Utility Cruiser веќе стартуваше со продажба во Јапонија по цена од околу 220.000 евра.

За погонот на јахтата се грижат два дизелски мотора од по 3,0 литри од Toyota Land Cruiser 150. Овие четирицилиндарски мотори со турбонатполнење и интеркулер се модифицирани за примена во вода. Трупот е изработен од алуминиумска легура, којашто е поиздржлива и потрајна од вообичаената комбинација од пластика и фиберглас. Покрај тоа, материјалот подобро ги придушува вибрациите и звуците од брановите. За врвен комфор се грижат иновативни системи за асистенција, како Toyota Virtual Anchor System, автопилот што ја одржува позицијата на јахтата.

Задната палуба на Ponam-31 личи на заден спојлер на автомобил, како момент што потсеќа на традицијата на компанијата. Командниот мост е отворен, а бродската кабина е целосно застаклена, со централен влез и може да се приспособува според потребите.

Посестринското претпријатие Toyota Marine уште од 1990 година работи на истражување и развој на пловила, со цел искуството од автомобилското производство да се пренесе во вода. Алуминиумскиот труп и моторната технологија позната од автомобилското производство, како и одржувањето висок квалитет во изработката, се основа за производство на безбедни, комфорни и еколошки јахти. Претпријатието започна со изградба на продажна и сервисна мрежа во 1997 година, а дури во последните години дојде до позначајно проширување на бизнисот. Новиот Ponam-31 ќе биде понуден на продажба кај 49 трговци, планираната годишна продукција е 15 примероци.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Во есен и зима автомобилите се продаваат најскапо

Електричниот Nissan Leaf постигнува рекордни продажби во Европа