за ,

Јапонија: Користени автомобили на „прочистување од зли духови“

Јапонија е земја на ритуали и традиции. Автомобилите не се исклучок. При купување користен автомобил, не е доволно само хемиско чистење, туку автомобилот се носи на прочистување од духот на претходниот сопственик.

Кога некој автомобил го менува сопственикот, кај нас обично е доволно да се исчистат стаклата и кокпитот, евентуално да се испрска средство за дезинфекција и на крајот автомобилот да се однесе на перење. Но, оваа церемонија се разликува кај Јапонците. Тие прво бараат користениот автомобил да се ослободи од духот на претходниот сопственик. За таа цел постојат специјализирани реи-јуцу терапевти коишто го прочистуваат автомобилот од можноста тој да добил лош „чи“, односно лоша енергија од сопственикот.

Јапонците веруваат дека некои автомобили самите привлекуваат незгоди поради негативната енергија и негативните мисли додека претходникот го возел автомобилот. Тоа е сосема вообичаена и редовна процедура при купување користен автомобил, што и не треба да изненадува во земја во којашто се практикува носење џебен пепелник, за отпушоците да не го валкаат духот на другите присутни лица. Посебниот однос на Јапонците кон автомобилите може да се забележи и на улиците во големите градови како Токио, каде што возилата се стари најмногу пет до шест години.

Поради познатата педантерија на Јапонците и совршената сочуваност на нивните автомобили, тие обично практикуваат користените автомобили да ги продаваат во странство, најчесто во Русија или дури и во Нов Зеланд. Токму поради верувањето во лошата енергија, Јапонците сакаат нови работи, па тоа секако важи и за автомобилите. Тој што не може да си дозволи нов автомобил, посветува особено внимание за користениот автомобил што ќе го избере да изгледа колку е можно понов и посочуван. Се заменуваат најкористените делови во кабината, како рачката на менувачот или воланот. Но, на некои купувачи и тоа не им е доволно да се чувствуваат пријатно. Некои луѓе се почувствителни и веднаш чувствуваат кога има негативна енергија „во воздухот“ и тоа важи како кај Јапонците, така и кај секој друг народ на светов – единствено тие се чинат посвесни за присуството на оваа енергија.

За „истерувачите на духови“ да завршат работа, автомобилот воопшто и не е потребен. Доволно е да им се однесе регистерската табличка, да се наведе името на возачот и моделот за возилото да се ослободи од сите негативни енргии. Потоа терапевтот поминува со мало ѕвоно закачено на синџир над рацете на пациентот за да утврди каде лежи проблемот. На крајот на цереномијата терапевтот клекнува пред својот мини храм, се моли пред јапонската шинто божица Аматерасу и го „отпејува“ ритуалот.

Покрај будизмот, шинто е најзастапената религија кај Јапонците. На церемонијата на прочистување во шинто храмовите може да се донесе и автомобилот, што чини меѓу 70 и 100 евра и трае петнаесетина минути. Како дел од ритуалот, шинто свештеникот пее или посипува сол. Кој сака да биде сигурен цела година, на почетокот на годината набавува О-фуда за својот користен автомобил. Хартиениот талисман виси на ретровизорот и треба да заштитува од незгоди.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Трицилиндарецот на Ford третпат е избран за мотор на годината

Audi ќе користи спирални пружини од фиберглас