за ,

Што планира Suzuki до 2019 година: Европска офанзива на јапонската марка

Ignis одбележува премиера како сериски модел на 44-от салон во Токио

Првиот Suzuki се појави пред шест децении. Јапонската марка оттогаш остана верна на две работи: На градските автомобили и на достапните теренци. Голем број вакви модели следуваат до крајот на деценијава.

Се сеќавате на 1979 година? Светот буквално лудуваше по забавната електроника од јапонските марки. Тогаш се појавија видеорекордерите, оние џиновски кутии големи колку табуретка на кои пишуваше VHS и чинеа исто колку што денес вредат 2.000 евра. Постоеја и персонални компјутери. NEC, на пример, го продаваше своето чудо на техниката за денешни 1.000 евра. А, колку чинеа автомобилите? Автомобил на Suzuki можеше да се купи по цена на видеорекордер и персонален компјутер, и со дополнителни 500 евра в џеб. Првиот Suzuki Alto во Јапонија чинеше околу 3.500 евра.

Со овој автомобил започна светскиот пробив на Suzuki во 1979 година: Орвата генерација на Alto
Со овој автомобил започна светскиот пробив на Suzuki во 1979 година: Првата генерација на Alto

Suzuki докажа дека автомобилите можат да бидат евтини, а сепак модерни и едноставни, но само кога се конструирани разумно. Од Alto не се очекуваше ништо помалку, отколку да го освои секое делче од светот. Марката Suzuki ја пронајде својата формула на успехот. Денес, три и пол децении по појавувањето на првиот Alto, Suzuki и натаму е меѓу најголемите производители на градски автомобили во светот. За споредба, италијанскиот Fiat до август годинава има продадено 1.075.244 автомобили, додека Suzuki следи со 998.576 продадени возила – не сметајќи го Maruti од когошто се продаваат исто толку примероци. Тоа е повеќе и од Citroen, Opel, Skoda… Лани Suzuki продаде 2,87 милиони автомобили од своите марки, што на Јапонците им донесе почесно место меѓу десетте најголеми производители во светот, меѓу деветтопласираниот PSA Peugeot Citroen и Jaguar Land Rover на 11-то место.

Најважниот сегмент на Suzuki на домашниот пазар се Kei Cars

Уште од времето на првиот автомобил на марката, Suzulight од 1955 година, моделите на Suzuki ретко биле подолги од четири метри. Најважниот сегмент на домашниот пазар се таканаречените Kei Cars, кои уживаат посебни даночни поволности, со должината ограничена на 3,4 метри и со неколку ограничувања во техниката. Повеќе од две петини од продажбата на автомобили во Јапонија отпаѓа на овие возила.

Suzulight е првиот автомобил на Suzuki, претставен во 1955 година, со техника слична на Lloyd LP400
Suzulight е првиот автомобил на Suzuki, претставен во 1955 година, со техника слична на Lloyd LP400

Освен во Јапонија, Suzuki е присутен и на најголемите пазари во раст во светот, на пример како Suzuki Maruti во Индија, но и во Кина и Пакистан. Производството се одвива во Јапонија, Кина, Виетнам, Тајланд, Мианмар, Индонезија, Египет и во Унгарија.

Планот е до 2019 да се достигне ниво на годишна продажба од 280.000 возила

Европа допрва ќе ја осознава вистинската моќ на овој глобален играч. Лани, Suzuki продаде 163.000 возила на европскиот пазар, што одговара на пазарен удел од 1,3 процент. Затоа, пак, планот е продажбата до 2019 година да достигне 280.000 возила. Овој голем раст секако нема да се реализира само со актуелната понуда на модели. Познатиот Swift е пред замена со нова генерација, а Celerio веќе стартуваше со продажба како наследник на Alto. Тоа што најмногу ја подигнува продажбата и претставува пример за тоа што следи, се кросоверите S-Cross и новата Vitara. Дури и за култниот мини-теренец Jimny следува соодветна замена.

Две стари имиња се враќаат во понудата: Baleno и Ignis

Два нови модела ќе ја освежат понудата на Suzuki до 2017 година. По премиерата во Франкфурт, Baleno стартува со продажба веќе во следната пролет, со 1,2-литарски мотор со 90 КС и нов турбо-бензинец со директно впрскување и 111 КС. Наследникот на Swift настапува како автомобил во градската класа, со каросерија долга четири метри, како просторен и практичен семеен автомобил во конкуренција на Polo и Fiesta. Штедливоста исто така ќе биде еден од најсилните адути на новиот Baleno. Јапонците декларираат потрошувачка од 4,0 литри за верзијата со еднолитарскиот BoosterJet.

Жабрите во задниот столб кај Suzui SC100 се инспирација за дизајнерскиот детал кај идниот Ignis
Жабрите во задниот столб кај Suzuкi SC100 се инспирација за дизајнерскиот детал кај идниот Ignis, но и целиот дизајн потсеќа на овој редок модел во Европа

Потоа, во почетокот на 2017 година пристига помалиот Ignis, со впечатлив дизајн и со опција за погон на сите тркала. Со тоа, второто „име“ што заживува повторно во понудата на модели на Suzuki, ќе биде меѓу најдостапните автомобили со погон на сите тркала на европскиот пазар. Каросеријата со лажните ламели за ладење во задните столбови е во стилот на старите модели на Suzuki со заден погон, со што Ignis исто така ќе се издвојува во унифицираноста во сегментот на малечките кросовери.

Покрај генерацијата мотори BoosterJet, новитет во техниката на Suzuki е благиот хибриден погон, кој располага со мала литиум-јонска батерија што го растоварува алтернаторот и се полни при секое сопирање или одземање гас, намалувајќи ја потрошувачката на тој начин. За штедливоста на новата генерација возила на Suzuki ќе придонесува и намалената тежина. Цел на инженерите е моделите на марката да бидат најлесни во својата класа. Baleno, на пример, тежи само 900 килограми, што е цели 150 килограми помалку од актуелниот Polo.

Suzuki прави автомобили за купувачите, не за докажување пред светот

Електричен автомобил од Suzuki нема да се појави во видно време. Според луѓето во марката, тој би бил премногу скап за купувачите. Засега, Suzuki во тој поглед планира само воведување на хибридните верзии. Подобро е така. Купувачите сепак ќе бидат посреќни со марка што конструира и произведува автомобили за нив, отколку со марка што само сака да се докажува пред светот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

На ова треба да се внимава при изборот на моторното масло

Аргентинските ветерани му токмат затворска казна на Џереми Кларксон